Зеленски или Путин – кој бега од преговори и зошто?

by Фокус

Обидите на Западот да се убеди Украина да преговара со Русија по серијата воени победи на Киев се бизарни и на тој начин се бара од нас да капитулираме, вели Михајло Подољак, клучен советник во кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

-Кога имате иницијатива на бојното поле, малку е бизарно да добивате предлози како „нема да можете да постигнете сè со воени методи, треба да преговарате“. Тоа би значело дека земјата што си ја враќа територијата мора да капитулира пред земјата што губи – вели Подољак во интервју за АФП.

Американските медиуми неодамна објавија дека високи функционери од САД почнуваат да ја охрабруваат Украина да размислува за преговори, додека Зеленски засега отфрла преговори без претходно повлекување на руските сили од сите украински територии.

Според Подољак, од Москва нема стигнато каков било директен предлог до Киев за мировни преговори, туку дека преку посредници само споменуваат можност за примирје.

-Русија не сака преговори. Русија спроведува комуникациска кампања наречена „преговори“. Тоа го прави само за да добие на време. Во меѓувреме, ги обучува мобилизираните, бара дополнително оружје и си ги утврдува позициите – предупреди Подољак.

Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев, пак, изјави дека САД, НАТО и ЕУ не сакаат целосно да ги прекинат односите со Русија, па оттука и обидите да го турнат Киев кон преговори.

Зборувајќи за украинскиот претседател Володимир Зеленски, Медведев рече дека не сака да преговара од себични причини.

-Преговорите се многу опасни за него, бидејќи тој исклучително се плаши од украинските националисти – смета Медведев.

Поврзани новости