Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ги повика западните сојузници да ги игнорираат „црвените линии“ на Москва и да му дозволат на Киев да користи оружје со долг дострел за напади на руска територија, додека Вашингтон му вети на Киев дополнителни 250 милиони долари оружје.
Зеленски првпат се појави на редовниот собир на украинските сојузници организиран од САД во воздухопловната база Рамштајн во Германија. Тој се обиде да ја претстави опцијата за напади од долг дострел како уште еден начин да се изврши притисок врз Русија да стави крај на инвазијата која трае веќе две и пол години.
Тој зборуваше во време на висок ризик за украинските сили кои започнаа ненадејна офанзива во рускиот регион Курск, додека руските сили се фокусирани на заземање на источниот украински град Покровск, клучен логистички центар за воените напори на Киев.
„Мораме да имаме способност од долг дострел не само на окупираната територија на Украина, туку и на руска територија, за Русија да биде мотивирана да се стреми кон мир“, рече Зеленски.
Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин ја посочи офанзивата во Курск како пример за тоа како Украина работеше за да преземе иницијатива на бојното поле. „Агресорската армија на Кремљ сега е во дефанзива на свој терен“, рече Остин.
Сепак, се чини дека забелешките на Остин се насочени кон пошироките напори на Западот за одржување на кампањата на Украина за одбивање на руските сили од нејзината територија, вклучително и најавата за дополнителна безбедносна помош од 250 милиони долари.