Претседателите на Украина и Полска, Володимир Зеленски и Анджеј Дуда денеска во Варшава се согласија дека не смее да има компромиси со Русија на штета на територијата на Украина, ниту за влез на Украина во Европската унија и НАТО.
„Доколку Украина падне, Русија нема да застане и ќе продолжи понатаму. Ние сме пријателска нација, но во оваа војна немаме компромиси, нема да се откажеме од нашата земја, нема да ѝ дадеме ниту едно дете на Русија, нема да ја предадеме нашата независност“, рече Зеленски, кој е во официјална посета на Полска, на заедничката прес-конференција со Дуда.
Полскиот претседател најави дека се подготвуваат дополнителни безбедносни гаранции за Украина за самитот на НАТО во Вилнус во јуни, што ќе биде првиот чекор на патот кон полноправно членство.
„Верувам дека ќе се зачува „западниот правец“ на Украина преку патот кон членство во Европската унија, што го поддржуваме, се стремиме кон членство на Украина во НАТО и се обидуваме да подготвиме дополнителни безбедносни гаранции за самитот на НАТО во Вилнус. Сакаме Полска и Украина да бидат без граници, за Полјаците и Украинците не го чувствуваат тоа, иако тие ќе постојат политички и географски“, рече полскиот претседател.
Зборувајќи за тешката ситуација на фронтот во Бахмут, каде, како што рече, украинската армија еден ден прави чекор напред, а следниот се повлекува, Володимир Зеленски го повтори апелот до Западот да ја зголеми воената помош.
„Колку повеќе оружје ќе добиеме, толку повеќе ќе бидеме подготвени не само да го браниме Бахмут, туку и цела Украина. Во многу земји и во Европа, новинарите имаат различни мислења. Сакам да им се заблагодарам на полските новинари што беа со нивните лидери и општеството за помош на Украина. Ви благодариме за братството! Вие сте со нас од почетокот на агресијата. Полска е вистински пријател со векови!“ – рече Зеленски.
Украинскиот и полскиот претседател вечерва заедно ќе им се обратат на Полјаците од Кралскиот замок во Варшава.