Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска во парламентот на својата земја првпат ги објави деталите од Планот за победа, на што веднаш реагираа бројни украински претставници, кои ја пофалија насоката на планот, но укажаа на отсуството на практични чекори што треба да водат до неговата реализација.
Некои опозициски пратеници ја критикуваа дека е премногу нејасна и премногу се потпира на меѓународните партнери, притоа изоставувајќи ги прашањата важни за домашната јавност, како што се продемократските и антикорупциските реформи за кои велат дека се клучни за успехот на Украина и се важни за постигнување на клучната цел – членство во НАТО.
Планот за победа вклучува пет точки: повикот за членство во НАТО, одбранбениот аспект, ненуклеарното одвраќање против руската агресија, економскиот аспект и повоената безбедносна архитектура. Три дополнувања на планот останаа доверливи, но беа споделени со западните партнери.
Зеленски им го претстави планот на лидерите на САД, Велика Британија, Германија, Франција и Италија во обид да добие поддршка пред неизвесните претседателски избори во САД. Досега предлогот главно се чуваше во тајност од јавноста.
Роман Лозински, поранешен пратеник од опозициската партија Холос (Глас), на Фејсбук напиша дека планот има „одлична насока“, но чекорите за негово остварување остануваат нејасни.
Претставувајќи го планот пред парламентот, Зеленски рече: „Тоа е план за зајакнување на нашата земја и нашата позиција. Украина мора да биде доволно силна за да ја заврши војната. Планот треба да обезбеди Украина да ги има потребните мускули за да го стори тоа.
Овој план може да се спроведе. Тоа зависи од нашите партнери. Нагласувам: од партнерите. Дефинитивно не зависи од Русија“, рече Зеленски.
Коментирајќи ја презентацијата, Лозински исто така тврди дека Зеленски не објаснил како планира да спроведе различни точки од планот, додавајќи дека можеби не е паметно да се објавуваат тие чекори.