Украинскиот претседател Володимир Зеленски побара остар глобален одговор кон Русија откако нејзините сили истрелаа проектил на преполната железничка станица, при што загинаа најмалку 52 лица.
Гласот на Зеленски се повиши гневно при неговото ноќно обраќање доцна синоќа, кога рече дека ракетирањето на железничката станица во Краматорск, каде што 4.000 луѓе се обидувале да побегнат од претстојната руска офанзива на исток, претставува уште едно воено злосторство.
Русија негираше дека е одговорна за нападот. Меѓу загинатите има и деца, а десетици луѓе се тешко повредени.
Фотографиите снимени по нападот покажаа трупови покриени со церади и остатоци од ракета на кои на руски е напишано „За децата“ . Се чини дека руската фраза сугерира оти проектилот бил испратен за да се одмазди за загубата или потчинувањето на децата, иако неговото точно значење остана нејасно.
Светските лидери се шокирани од нападот.
Нападот се случи додека работниците на друго место во земјата откопуваа тела од масовна гробница во Буча, град во близина на Киев, каде што има докази за десетици убиства по повлекувањето на руските сили.
-Како масакрите во Буча, како и многу други руски воени злосторства, ракетниот напад врз Краматорск треба да биде едно од обвиненијата на Трибуналот што мора да се одржи, рече Зеленски.
Тој рече дека ќе се направат напори „да се утврди секоја минута за тоа кој што направил, кој давал какви наредби, од каде дошол проектилот, кој го транспортирал, кој ја дал командата и како бил договорен овој напад“.
Откако не успеаја да го заземат Киев поради силниот украински отпор, руските сили сега се насочија кон источниот регион Донбас, претежно рускојазично, индустриско подрачје каде што бунтовниците поддржани од Москва се борат со украинските сили веќе осум години и контролираат некои места.
Иако железничката станица се наоѓа на територијата под контрола на украинската влада во Донбас, Русија ја обвини Украина дека го извршила нападот. Истото го направија и сепаратистите од регионот поддржани од Москва, кои тесно соработуваат со руските трупи.
Западните експерти, сепак, го отфрлија тврдењето на портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, дека руските сили „не користат“ таков тип проектили. Западен функционер рече дека руските сили ја користеле ракетата – и дека со оглед на локацијата и влијанието на ударот, проектилот е руски.