Зеленски до Трамп: Подготвени сме за преговори под ваше раководство

by Fokus

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е подготвен да потпише договор за минерали и безбедност со САД и да работи под „силното водство“ на претседателот Доналд Трамп.

Иако призна дека неговата средба со Трамп „не поминала како што требало“, Зеленски повтори дека Украина е посветена на мирот и го пофали Трамп што и дал ракети „Јавелин“ на украинската војска.

- Advertisements -

„Би сакал да ја повторам посветеноста на Украина за мир. Никој од нас не сака бескрајна војна. Украина е подготвена да седне на преговарачка маса што е можно поскоро за да се доближи до траен мир. Никој не сака мир повеќе од украинскиот народ. Мојот тим и јас сме подготвени да работиме под силно водство на претседателот Трамп за да постигнеме мир кој ќе трае.

Подготвени сме да работиме брзо за да ја завршиме војната, а првите чекори би можеле да бидат ослободување на затвореници и прекин на огнот во воздухот – забрана за ракети, беспилотни летала со долг дострел, бомби на енергија и друга цивилна инфраструктура – и итен прекин на огнот на море, доколку Русија го стори истото. Потоа сакаме брзо да поминеме низ сите следни фази и да работиме со САД за да постигнеме силен конечен договор.

Навистина ја цениме помошта што ја добивме од Америка. Навистина цениме колку Америка направи за да и помогне на Украина да го зачува својот суверенитет и независност. И се сеќаваме на моментот кога ситуацијата се промени, кога претседателот Трамп и даде копје на Украина“ порача Зеленски.

Тој се осврна на состанокот во Белата куќа кој заврши со историско фијаско.

„Нашиот состанок во Вашингтон, во Белата куќа во петокот, не помина според планираното. Жал ни е што се случи така. Време е работите да се исправат. Би сакале идната соработка и комуникација да бидат конструктивни“, рече тој.

Конечно, тој се осврна на договорот за минерали што требаше да биде потпишан во петокот во Вашингтон, но тоа не се случи со оглед на тоа што предвреме ја напушти Белата куќа, по расправијата со Трамп.

„Во однос на договорот за минерали и безбедност, Украина е подготвена да го потпише во секое време и во секој погоден формат. Овој договор го гледаме како чекор кон поголема безбедност и цврсти безбедносни гаранции и искрено се надевам дека ќе функционира ефективно“, рече тој.

САД синоќа ја суспендираа сета воена помош за Украина, а Белата куќа соопшти дека ова е привремена пауза.

„Претседателот јасно стави до знаење дека е фокусиран на мирот. Ни треба нашите партнери да бидат посветени на таа цел“.

Паузата ќе трае додека Трамп не заклучи дека украинските лидери покажуваат добра волја да постигнат мир, објавија Блумберг и Фокс њуз.

Блумберг објави дека испораката на целата американска воена опрема која моментално не е во Украина ќе биде паузирана, вклучително и оружје во транзит со авиони и бродови или чекање во транзитните зони во Полска.

Поврзани новости