Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска во Вашингтон ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп, а според пишувањата на медиумите, тој ќе бара безбедносни гаранции и помош за спречување евентуален нов руски напад.
За време на посетата на Вашингтон, украинската делегација се очекува да потпише економски договор со САД, кој предвидува заеднички инвестициски фонд за обнова на Украина, пренесе АП.
Според нацрт-договорот, Киев ќе одвои 50 отсто од приходите од природни ресурси на фондот.
Зеленски инсистира дека економскиот договор мора да биде придружен со конкретни безбедносни гаранции.
Сепак, Трамп рече дека нема да даде многу безбедносни гаранции, бидејќи Европа ќе го стори тоа.
На вчерашната средба со британскиот премиер Кир Стармер во Белата куќа, Трамп изјави дека има „голема почит“ за украинскиот претседател.
На прашањето на Би-Би-Си дали ќе му се извини што неодамна го нарече „диктатор“, Трамп одговори дека не се сеќава дека го рекол тоа. Тој додаде дека Зеленски е „многу храбар“.