Украинскиот претседател Володимир Зеленски бара директна средба со рускиот претседател Владимир Путин.
Во новото обраќање до нацијата, Зеленски рече дека неговата делегација има „јасна задача“ да направи се што може за да обезбеди средба меѓу двајцата претседатели, пренесува агенцијата АП.
– Мора да сфатат дека тоа е комплицирана приказна, како и тежок, но крајно неопходен пат, рече Зеленски.
Тој наведе дека разговорите меѓу двете земји се одржуваат секојдневно преку видео-конференција и дека се неопходни разговори за воспоставување прекин на огнот и повеќе хуманитарни коридори.
Инаку, преговорите меѓу Русија и Украина продолжуваат денеска и ќе се одвиваат во форма на видео конференција.
Би-Би-Си јави дека Михаил Подољак, украински преговарач и советник на украинскиот претседател Владимир Зеленски, ја потврди оваа најава од Кремљ.
Во видео објавено на социјалните мрежи, Подољак кажува дека Русија почнала поконструктивно да се ангажира околу преговорите и дека сега „го гледа светот околу себе многу подобро“.
Зеленски во обраќањето повторно го повика НАТО да воспостави зона на забранети летови над неговата земја, предупредувајќи дека во спротивно руски ракети би можеле да паднат врз земјите-членки.
– Ако не го затворите нашето небо, прашање на време е кога руските ракети ќе почнат да паѓаат на вашата територија, на територијата на НАТО, изјави Зеленски.
Неговата изјава уследи откако вчера руските сили ја рекетираа воената база Јаворив, што е лоцирана во близина на границата со Полска и вообичаено се користеше за обука и заеднички вежби на украинската војска и нејзините партнери од НАТО. Во нападот загинаа 35 луѓе, а повредени со над 130.