Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска соопшти дека армијата побарала мобилизација на уште 450 – 500 илјади луѓе, но дека конечната одлука се уште не е донесена. Украинскиот лидер на прес-конференција во Киев одржана по повод крајот на годината рече дека армијата и владата ќе разговараат за ова „многу чувствително прашање на мобилизација“ и дека потоа ќе биде испратено на разгледување во парламентот.
Мобилизирањето на таков опсег ќе бара и дополнително финансирање, додаде тој.
„Тие предложија мобилизација на дополнителни 450 до 500 илјади луѓе. Ова е многу сериозна бројка“, рече Зеленски. „Одговорив дека ќе ми требаат дополнителни аргументи за да го поддржам таквиот потег. Затоа што, пред се, се работи за луѓе, второ, се работи за правичност, одбранбени способности и финансии. Никој не може со сигурност да каже кога ќе заврши војната со Русија“.
Украинскиот претседател нагласи дека за ваква мобилизација ќе бидат потребни речиси 12 милијарди евра. Поранешниот украински министер за одбрана Олексеј Резников минатото лето изјави дека околу милион луѓе се активни во украинскиот безбедносен и одбранбен сектор.
Украинскиот претседател рече и дека Украина ќе добие „повеќе“ од новите американски противвоздушни системи Патриот, кои се вредни за одбрана од Русија.
„Нема да зборувам за бројките, но повеќе системи Патриот ќе бидат испратени во Украина за да ја бранат нашата земја во текот на зимата“, објасни тој.