Комисијата за национална безбедност и надворешни прашања на денешната седница во грчкиот Парламент ги прифати нацрт законите доставени од Министерството за надворешни работи на Грција за отворање на новите гранични премини кај Мајден и Маркова нога, како и за подигнувањето на Канцеларијата за врски во Скопје на ниво на амбасада и на Канцеларијата за конзуларни, економски и трговски работи во Битола на ниво на Генерален конзулат.
Согласно изнесените ставови на известувачите за нацрт законите од владејачката СИРИЗА и опозициската Нова демократија, но и на пратениците од другите партии, предлог законите беа усвоени. СИРИЗА и Река се “за”, Нова демократија и Златна зора против, додека пак Демократска алијанса на денот на гласањето ќе го соопшти ставот. Комунистичката партија на Грција, веројатно ќе биде воздржана. Пратениците од Сојуз на централисти, не присуствуваа на состанокот на Комисијата.
Со усвојувањето на нацрт законите од Комисијата, се отвора патот да бидат разгледани и ратификувани на пленарна седница. Според неофицијалните информации, гласањето во Парламентот би можело да биде уште утре попладне.
Расправата на Комисијата за национална безбедност и надворешни прашања, со говор ја затвори алтернативната министерка за надворешни работи на Грција, Сиа Анагностопулу, која рече дека двата договори не доаѓаат предизборно во грчкиот Парламент, туку се и по барање на локалното население од местата каде што ќе бидат отворени граничните премини.
Одговарајќи му на Кумуцакос од Нова демократија дека пред Договорот од Преспа постоеле билатерални односи, Анагностопулу истакна дека пред решението меѓу двете земји имало пречки и проблеми.
На двочасовната расправа на Комисијата во грчкиот Парламент, збор зедоа околу 10 пратеници, кои ги претставија нивните позиции во однос на двата нацрт закони. Пратениците од СИРИЗА, Теодора Ѕакри, Костас Селцас и Јанис Сифакис кои доаѓаат од областите во кои ќе се отворат новите гранични премини ги објаснија придобивките од двата потпишани спогодби меѓу Северна Македонија и Грција.
Освен нацрт законите што беа тема на состанокот, на агендата на Комисијата се најдоа и грчко-турските односи,
Двата усвоени нацрт закони произлегуваат од потпишаните договори во Скопје во март и април годинава. Едниот предлог закон е под наслов „Ратификација на Договорот меѓу Република Грција и Република Северна Македонија во врска со воспоставување нов граничен премин меѓу двете земји, што ќе ги поврзува Промахи во Република Грција со Мајден во Република Северна Македонија“, а вториот под наслов „Ратификација на Договорот меѓу Република Грција и Република Северна Македонија во врска со воспоставување нов граничен премин во регионот на Преспанското езеро и други одредби“.
Согласно потпишаните договори, за изградбата и отворањето на граничниот премин кај Мајден ќе се користат фондови од Европската унија, а во договорот за граничниот премин кај Преспа, вклучени се и членови за подигање на нивото на Канцеларијата за врски во Скопје во амбасада и на Канцеларијата за конзуларни, економски и трговски работи во Битола на ниво на Генерален конзулат.
Според двата потпишани договори во Скопје, предвидено е да се формира заедничка Комисија на експерти од двете земји со најмногу девет претставници од секоја страна кои ќе бидат надлежни за техничките и правните теми, за функционирањето на граничните премини и за други прашања од заеднички интерес поврзани со спроведувањето на договорите.
Во рок од 30 дена од стапувањето на сила на договорот, двете страни по дипломатски пат ќе ги разменат листите со членовите на Комисијата, која за прв пат ќе се состане во рок од три месеци по стапувањето на сила на договорот, а ќе одржува состаноци на секои две години.
Ваква комисија е предвидена и за граничниот премин кај Мајден и за граничниот премин кај Маркова нога.
Нацрт законот „Ратификација на Договорот меѓу Република Грција и Република Северна Македонија во врска со воспоставување нов граничен премин меѓу двете земји, што ќе ги поврзува Промахи во Република Грција со Мајден во Република Северна Македонија“, содржи три члена, а нацрт законот „Ратификација на Договорот меѓу Република Грција и Република Северна Македонија во врска со воспоставување нов граничен премин во регионот на Преспанското езеро и други одредби“, има седум члена.