Нема потреба од средби додека не добиеме доказ дека Владата, премиерот и министрите и другите надлежни од засегнатите институции, сериозно ја разбираат загриженоста на граѓаните околу загадувањето, порачуваат организаторите на петочниот марш за чист воздух како одговор на поканата за средба во Владата, со премиерот Зоран Заев.
– Непосредно пред почетокот на петочниот Марш кој ние, 29 граѓански здруженија и организации од цела држава, заеднички го организиравме и симболично го нарековме „Зелена револуција“, добивме покана за средба во Владата, со Премиерот Зоран Заев, инфоримаат здружените граѓански организации и иницијативи „Зелена револуција“.
Во продолжение е нивниот одговор до Премиерот:
– Ние, претставниците на подолу потпишаните граѓански иницијативи, обединети како Зелена Револуција, сметаме дека во овој момент простор за нови средби со Премиерот, или со други претставници на државните институции, може да бидат возможни, САМО доколку видиме реална и конкретна волја за соработка со граѓаните. Тоа е можно и остварливо, доколку Премиерот, неговите министри и советници ангажирани на темата за животна средина, покажат дека сериозно го слушнале гласот на граѓаните, искажан на петочниот марш и по ИТНА постапка ги реализираaт следниве барања наведени во т.н Зелена книга, а за кои не е потребно подолго време бидејќи зависат директно од волјата на Премиерот и членовите на Владата:
1. Указ за итно носење на ДУП СИ 09 Гази Баба за Вардариште.
2. ЈО да отвори истрага за Охис во стечај, стечајната маса, продавање, склучени договори, испуштањето на токсична хемиска материја и за палење на кабли во Скопје, кој го откупува бакарот, како се снабдуваат со кабли лицата кои ги горат.
3. Да се усвојат на Влада измените и дополните на Законот за животна средина со кои се идентификуваат и уредува постапувањето со контаминирани подрачја и влезе во Собраниска процедура.
4. Стопирање на процедурата на усогласување на законите од областа на заштита на здравјето на луѓето, заштита на природни богатства, животна средина, заштита на културно наследство, заштита од природни и други непогоди, комунална хигиена со законот за прекршоци.
5. Поднесување на веќе изготвената апликација за прогласување на Охридско Езеро и Студенчишко Блато како водно живеалиште од меѓународно значење до Рамсарскиот секретаријат.
6. Одземање на концесијата на Еуромакс за рудникот Иловица-Штука.
7. Одземање на истечената концесија за експлоатација за рудникот Плавица.
Доколку постои искрена намера и желба за решавање на проблемот со загадувањето, заштитата на животот, здравјето и животната средина, овие барања можат да се реализараат во следните 5 работни денови, со што конечно ќе видиме цврста намера за темелно решавање на загадувањето. Покажете искреност и сериозна волја, затворете ги овие почетни барања и можеме да организираме средби и за сите останати. Вардариште би било одлична локација за првата средба, заедно, Вие, Вашите министри и советници, во живо и во присуство на медиумите да ги видиме условите, дивите населби и проблемите за кои постојано читате од нашите барања, но не сте ги виделе на терен.
Повеќегодишното заедничко искуство, ни потврдува дека досегашниот односот кон барањата на граѓанските организации и активисти, бил исклучиво за потребите на секторите за односите со јавноста и за покажување на наводна соработка со граѓаните, додека на терен не се сработувало ништо, или се направило многу малку.
Покажете акција, вратете дел од довербата, се вели во писмото од Здружените граѓански организации и иницијативи „Зелена револуција“