„Зелен хуман град“ бара да се прекине со асфалтирањето во Градскиот парк, откако денеска беше обелоденето дека се бетонираат дел од патеките, особено онаа околу малиот лавиринт.
-Бараме Град Скопје веднаш да ги адаптира своите активности на препораките кои се дел од стратешките документи што локалната самоуправа ги изработува, а се платени од нашите јавни пари! Во Стратегијата за отпорно Скопје од 2017 г. се вели „Колку повеќе бетон и асфалт, толку повисока температура. Потребни се повеќе зелени површини, зелени покриви и зелени фасади, велат од „Зелен хуман град“.
Според нив, конвенционалните материјали за поплочување можат да достигнат летни температури и од 48-67°C.
-Ако земеме предвид дека според картата на урбани топлински острови, централното подрачје на Скопје се издвојува како најтопло место во кое се забележани највисоки среднодневни температури, тогаш е сосема јасно дека сите напори и активности на Градот мора да се насочени кон намалување на температурите, а тоа секако не се постигнува со нанесување црн асфалт кога постојат далеку поадекватни алтернативи. Темните површини многу повеќе се загреваат од светлите, а со тоа и ослободуваат поголема топлина (а со тоа и емисии) во воздухот. Според јавно достапните научни податоци, црниот асфалт под директна сончева светлина ослбодува и до 300% повеќе емисии!
Не бараме решенија кои не постојат или се прескапи. Бараме решенија со кои ќе се одговори и на потребите на скопјани, но и ќе се гарантира заштита на природата, односно одржливо ќе се управува со едно од ретките зелени прибежишта во Скопје, стои во соопштението.