Зекири: Има еден куп криминалци во УБК, место да ги избркаат ќе ги вработуваат во администрација

by fokus

Реформите во тајните безбедносни служби мора да бидат суштински, вели пратеникот од СДСМ, Мухамед Зекири, кој заедно со пратеничката Фросина Ременски поднесоа над 30 амандмани за предлог-законот за Агенцијата за национална безбедност, но кои не беа прифатени од министерот, Оливер Спасовски.

Според Зекири, дел од амандманите не биле прифатени поради концептуални разлики меѓу пратениците и министерот, кои се од истата владејачка партија, а дел поради веќе постигнатиот договор меѓу власта и опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

По барање на ВМРО-ДПМНЕ, вели Зекири, било договорено политички партии да учествуваат во селекција на лица од УБК што ќе бидат вработени во Агенцијата. Пратеникот вели дека ова може само да влијае на партизираноста во институцијата.

-Тоа не е логично. УБК има околу 800 вработени, а по трансформацијата во Агенцијата ќе останат околу 350. Ќе се селектираат вработени без критериуми и што не ги исполнуваат условите. Има еден куп криминалци во УБК од време на ВМРО-ДПМНЕ, како Нинџа и компанија, па место да ги избркаат, ќе најдат место за нив во администрација – вели Зекири.

На оваа тема се огласи и Ременски, која на својот фејсбук профил напиша дека успехот на реформата не е прашање на храброст, туку на одговорност.

„Време е опозицијата да излезе со став за тоа дали ја условува/пазари поддршката на законот за реформа на УБК со политичко учество на пратениците во селекцијата на вработените во новата Агенција и барање за социјален пакет за безбедносно неподобните во УБК и трансфер во други државни органи, а не вистински ветинг?“, напиша Ременски.

Поврзани новости