Генералниот секретар на Владата кој денеска даде оставка, Мухамед Зекири сепак не беше приведен, туку попладнево сам со адовокат се појави во Кривичниот суд откако Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција отвори истрага за него и побара притвор.
Откако Зекири по предлогот на судот не се појави во Суд, Кривичниот суд побара полицијата да го приведе. Но, сепак Зекири дојде сам во суд каде треба да даде исказ пред судија на претходна постапка.
Тој не даде никаков коментар и изјава за медиумите.
Обвинителството денеска информираше дека е отворена истрага против генералниот секретар на Владата, Зекири и двајца хрватски државјани, за наводна проневера на 145.000 евра.
Поточно истрагата е отворена поради сомнеж за незаконски договор за консултантски услуги.
Фото: МИА