Заев во Тетово: Попова Шапка ќе стане најмодерната скијачка дестинација

by Fokus

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, вечерва од предизборната трибина во Тетово рече дека опозицијата ветува нова иднина, а постојано се во рововите на минатото. Тој рече дека кај ВМРО-ДПМНЕ предводена од Христијан Мицкоски нема ништо ново освен лажни вести, лицемерие, деструкции и обиди да се врати режимот за да глумат локални шерифи.

-За пусти пари и власт влегоа дури и во брак со Алијанса за Албанците. Во ноември гледајте развод на бракот… Народот не пие нафта, народот живее на оваа територија и знае. Вмровците нема да гласаат за Алијанса, ниту пак Алијанса ќе гласа за ВМРО-ДПМНЕ. Чиста Македонија и Македонци варвари не одат заедно. Затоа ќе останат во опозиција и заробени во минатото, рече Заев на трибината „Најдоброто за мојата општина“ во Тетово.

Тој рече дека приоритет им се заложбите за држава без кал, со здрава животна средина и чист воздух.

-Градиме современа инфраструктура во секоја општина, секој град и секое село. Ќе продолжат инвестициите во атмосферската канализација, како и реконструкциите на улиците во опшните, велосипедските патеки и поддршката за инфраструкурата за развој на алтернативниот туризам, рече Заев.

Тој додаде дека комуналната инфраструктура ќе остане во фокус, а општините ќе ги зајакнуваат капацитетите на јавните претпријатија со цел обезбедување на подобри услови за граѓаните.

Тој вети дека Попова Шапка ќе ја направат модерна скијачка дестинација по сите европски стандарди.

-Еден од најголемите проекти во следниот мандатен период во Тетово е скијачкиот центар Попова Шапка вреден 100 милиони евра. Ја имаме најуникатната дестинација во Европа, каде што подножјето е голем град, за разлика од европските скијачки центри каде што рурални населени места. Ќе се изгради комплетен скијачки центар со хотели од три меѓународни ланци, на чело со Кемпински, рече Заев.

Тој додаде дека оваа инвестиција ќе ја прави најголемата европска компанија за скијачки центри, со која преговорите се во втора фаза и многу брзо се очекува тоа јавно да биде објавено.

 

Поврзани новости