Здруженијата за заштита на животните денеска пред Владата организираат јавен собир за да го изразат своето незадоволство поради последниот настан што се случи во Струга, кога човек шетајќи со пушка низ градот уби десетина кучиња.
Под мотото „Не сте безбедни во својата држава! Ајде да пробаме по наше!“, десетина здруженија за заштита на животните и поединци – активисти ќе се соберат пред седиштето на Владата.
– Одбиваме во 21 век да бидеме сведоци на примитивизам, насилство и на незаконско и ѕверско однесување на поединци кое носи непоправливи штети, а може да загрози и човечки животи. Свесни ли се воопшто надлежните дека некои од куршумите наменети за кучињата можеа да усмртат луѓе?
Ние, како здруженија и како активисти, свесни сме за преголемата популација кучиња низ целата територија на државата и правиме сè што е во наша моќ да вдомиме и да ги тргнеме од улиците, но битката не можеме да ја водиме сами, оти оние кои се надлежни да ги носат одлуките се глуви за проблемот, нагласуваат здруженијата.
За да не дојде до нови напади на граѓани од кучиња, убиства и расфрлани отрови од кои можат да настрадаат и луѓе, здруженијата до надлежните институции кои се најповикани за решавање на проблемот поставуваат неколку барања.
Прво, обезбедување 250 бесплатни кастрации/стерилизации секој месец на територија на целата држава, со услов за микрочипирање на милениците; задолжително микрочипирање на секое куче со сопственик – парична казна од 80 евра првиот пат и 180 евра казна, доколку сопственикот повторно не ја почитува наредбата.
Потоа, како што наведуваат, зголемување на бројот на инспектори во АХВ или формирање посебно тело кое ќе врши строги контроли за неодговорно сопствеништво (испуштање миленици на улици, фрлање легла од мали кутриња и сл.) и за нечипирани миленици; зголемување на казните за неодговорно сопствеништво и нечипирани миленици, бидејќи моменталната глоба од 30, односно од 15 евра, само ги стимулира луѓето да ги напуштаат своите миленици, со што се зголемува бројот на бездомни кучиња; забрана и казни за оплодување на домашните миленици, освен за легално регистрираните одгледувачници.