Не престануваат реакциите на здруженијата за заштита на животни, откако неколкумина сопственици на кучиња последниве денови во општината Аеродром беа казнети со парични казни затоа што ги шетале своите миленици без заштитна маска.
Здружението за заштита на животните „Еден“ апелира до сите сопственици на миленици да го пополнат краткиот прашалник, со цел да се добие евиденција за тоа колку домашни миленици има по општини, и според таа бројка да се бара и изградба на паркови за миленици.
„На територијата на општина Аеродром нема табли на кои е означено во кои делови на јавната површина и во кој временски период е забрането слободно движење на кучињата, односно на кои површини е забрането да се шетаат кучиња“, ниту, пак, има парк за кучиња, што би значело дека на сопствениците на миленици им е дозволено слободно да ги шетаат своите миленици секаде каде што нема табли со кои тоа се забранува, или каде што не постои друга законска забрана. Всушност, на целата територија на Градот Скопје има само три паркови за миленици кои иако формално постојат, не ги исполнуваат минималните услови неопходни за здравјето и карактерот на животните. Тие опфаќаат многу мала површина, што значи во нив во ист период можат да престојуваат најмногу 5 социјализирани кучиња во исто време, или 1-2 несоцијализирани или плашливи кучиња“, велат од „Еден“.
Здружението бара да да се измени и дополни Законот за прекршоци против јавниот ред и мир со цел да се отстранат сите недостатоци, а дотогаш да се одложи неговата примена бидејќи сметаат дека законот е неприменлив во практика и штетен за граѓаните.
Здружението „Анима Мунди“ во писмо побара од министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска да им укаже на сите полициски станици членот 29 од Законот за прекршоци против јавен ред и мир да се спроведува како од 2007 година досега, и маска да мора да носат само опасни и непредвидливи кучиња, а не сите кучиња, како што се бара на територијата на општина Аеродром од пред три дена.
Инаку, казните за сопствениците кои нема да стават маска на својот миленик додека го шетаат, се движи од 100 до 400 евра.