Проектот има за цел да ја популаризира современата методологија за едукација- Сугестопедија. Концептот што лежи во основата на сугестопедијата е поврзан со истражувањето на проф. д-р Георги Лозанов за неискористениот потенцијал на човековата личност и пристапот за неговото искористување. Пристапот е во начинот на комуникација во текот на едукативниот процес и се подразбира како комуникација што не ја нарушува слободната волја на поединецот и се разликува од каква било принуда, команда, манипулација, понижување, потценување итн. Дидактичките и уметничките средства го стимулираат спонтаното и креативно изразување на учесниците во образовната комуникација.
Методот ја спојува педагогијата, психологијата и уметноста, овозможувајќи учење и комуникација во позитивна, слободна и креативна атмосфера.
Во сугестопедското учење, знаењето се стекнува:
• на пријатен и спонтан начин
• со помош на уметноста и естетиката
• преку ментална релаксација и ненапрегната концентрација
Сугестопедијата го елиминира стресот од процесот на учење, го активира потенцијалот на личноста и ја поттикнува природната љубопитност, меморија и креативност.
Проектот опфаќа повеќе активности: обуки, практична работа со менторство и промотивен настан на кој ќе бидат презентирани резултатите од проектот и афирмирање на современи педагошки и комуникациски практики.
Целната група опфаќа наставници од формалното и едукатори од неформалното образование, но и лица од бизнис заедницата, јавниот сектор и други заинтересирани кои сакаат да развијат поуспешна, поефикасна и емпатична комуникација.
Обуките ќе се одржат на 21 и 22 октомври 2025 година во град Скопје, во просториите на Здружението Еду Центар, кои се наоѓаат на втор кат во ОГУДУ „Кочо Рацин“-Скопје.
Носител на проектот е Здружението „Еду Центар“ – Скопје, кое преку својата работа покажува дека образованието може да биде инспиративно, креативно и одржливо.