Здружението на вработени во сектор игри на среќа “САКАМ ДА РАБОТАМ“: Нека ни е честит меѓународниот Ден на трудот!

by fokus

„САКАМ ДА РАБОТАМ“ како Здружение на вработени во сектор игри на среќа бара државните институции конечно да застанат во одбрана на нашето достоинство, човекови слободи и уставно загарантирани права на работен однос. Многумина меѓу нас се родители на малолетни деца или на тинејџери и навистина тешко ни паѓа кога ги слушаме неоснованите обвинувања на дежурните критичари на игрите на среќа дека целиот економски сектор во кој сме вработени е наводно штетен за младите. Јавноста треба да знае дека и во овој сектор работат обични луѓе, жени, мајки, кои чесно го заработуваат лебот.

Се’ уште ги чекаме одговорите на многу логичните прашања, кој им интерес да се затворат легалните игри на среќа? Кој ќе понесе одговорност за штетните последици кои ќе следат ако се усвојат предложените законски измени? Дали младината ќе биде повеќе или помалку загрозена ако игрите на среќа се играат по подруми, во нелегални објекти? Која е таа искривена логика дека излозите на објектите на игри на среќа ги привлекуваат малолетниците? Зошто истата логика не важи за трафиките, кафулињата и кафеаните?

Игри на среќа постојат од кога постои цивилизацијата. Се играло, се игра и ќе се играат игри на среќа. Само оваа сабота илјадници Грци во колони чекаа да ја поминат македонската граница и да играат во нашите казина. Албанија се откажа од четиригодишната забрана на игрите на среќа затоа што како печурки им никнаа диви играчници на кои нивните власти немаа никаква контрола. Македонските туристи кога одат во земји од ЕУ, во Монте Карло, Лас Вегас или на крстарења со бродови, со задоволство посетуваат казина, се фотографираат и се фалат. Таму е „ин“ да играш, а овде станува „ерес“! Во автомат клубовите и казината не влегуваат случајни минувачи. Нам ни се клиенти традиционални играчи.

Игрите на среќа се легален економски сектор, кој работи согласно позитивните законски прописи. Вработува безмалку 10 илјади луѓе, индиректно помага меѓу 54 до 100 илјади други работни места, секоја година придонесува со најмалку 280 милиони евра во државниот Буџет. Компаниите и ние вработените постојано сме дел на различни хуманитарни и донаторски активности со што покажуваме врвна општествена одговорност. Нашите работодавачи се претставници на реномирани светски и ЕУ компании кои спроведуваат највисоки стандарди на професионалност.

Доколку државата навистина одлучила да ги затвори легалните игри на среќа, мора да земе предвид дека со таква погрешна одлука ќе предизвика егзодус на најмалку 10 илјади семејства кои ќе се преселат во западните земји и таму повторно ќе работат во истиот сектор. Тоа е реалноста! Ние навреме предупредуваме, со цел да превенираме состојби кои ќе предизвикаат сериозни штети. Се надеваме дека некој ќе ги земе предвид овие наши укажувања! Во спротивно ќе бидеме принудени да излеземе на масовни протести со кои ќе бараме заштита на нашите права.

ПР текст

Поврзани новости