Од паралелното здружение на новинари Македонската асоцијација на новинари (МАН), чиј претседател е новинарката Ивона Талевска, тврдат дека директорот на Македонската информативна агенција МИА Драган Антоновски врши континуиран притисок, мобинг и дискриминација врз дел од новинарите во МИА. Од таму посочуваат дека притисоците деновиве кулминирале со суспензијата на новинарот Цветин Чилиманов, кој е потпретседател на МАН.
„Ставовите на Цветин Чилиманов изразени преку негови постови на социјалните мрежи Твитер и Фејсбук се негови ставови изразени на личен профил, а не на платформа на МИА или профилите на Агенцијата на социјалните мрежи. Чилиманов не го прекршил ниту Законот за работни односи, ниту систематизацијата за работа на МИА, па оттука, незаконска е одлуката за негова суспензија.
Дискриминацијата во работењето на Антоновски се огледа и во фактот што го суспендира Чилиманов по политичката хајка за статус кој е негов личен став, а за повик за насилство од друг новинар од МИА Зоран Иванов, кој е екс портпарол на владата на СДСМ – нема ниту реакција, ниту суспензија.
Ако одлуката за негова суспензија не биде повлечена, МАН ќе го поддржи Цветин Чилиманов доколку одлучи своите права да ги брани на Суд против директорот на МИА Драган Антоновски. Истото се однесува и за другите новинари од Агенцијата кои се предмет на притисоци“, порачуваат од МАН.