Како Здружение на историчарите на Република Македонија, чијашто повеќе од седумдецениска дејност меѓу другото е насочена кон развојот на македонската историографија и унапредувањето на квалитетот на наставата во македонската историја, потсетуваме дека многупати и тоа во повеќе форми, јавно предупредивме на негативните импликации од крајно избрзано донесената Концепција за основно образование, која што беше целосно отфрлена од сите релевантни научни и високообразовни институции, реагираат денеска од Здружението на историчарите на Република Македонија
-Надоврзувајќи се на нашите ставови, на 22 декември 2022 година до Министерството за образование и наука поднесовме Барање за повлекување на учебникот по новововедениот предмет „Историја и општество“ за V одделение. Истото го поткрепивме со критичка анализа на 30 страници, во која нотиравме 60 сериозни пропусти и грешки во концепциска, содржинска и методолошка смисла, пришто предупредивме дека истите ќе создадат кај учениците погрешни претстави не само за минатото, туку и за сегашноста. Во оваа прилика јавно прашуваме дали овој учебник е повлечен од употреба, со оглед дека посочените пропусти ги надминуваат законски предвидените 30%! Воедно изразивме цврста увереност дека погрешната концепциско-содржинска поставеност на учебникот е директен резултат на Концепцијата за основно образование, поради што побаравме од Министерството да иницира јавна дебата за подготовка на нова Концепција, за да не се повторуваат во иднина ваквите недозволиви пропусти, велат историчарите.
Тие додаваат дека тие, како и генерално историската фела во државата, одбиле да учествуваат во подготовка на наставните програми, бидејќи не ја прифаќаат Концепцијата.
-На тој начин го изразуваме категоричното противење што со Концепцијата е укинат предметот Историја (воведен во македонската држава од АСНОМ), за сметка на погрешно конципираниот и новоконструиран предмет „Историја и општество“, во кој вештачки се интегрирани предметите историја, граѓанското образование и географија. Досегашната практика на примената на Концепцијата, недвосмислено ги потврдува нашите претходни оценки дека историјата се маргинализира и деградира, со што се оневозможува суштинското согледување на минатото, од што зависи и иднината на македонската држава. Особено што во Европската унија, каде како демократска држава припаѓаме и чиишто фундаментални вредности ги споделуваме, во суштина историјата како предмет го дефинира идентитетот и свеста за припадноста кон нацијата, се вели во реакцијата.
Укажувајќи на штетните последици од понатамошното спроведување на Концепцијата во однос на наставата по историја, категорично застануваат во заштита на колегите наставници, чиишто работни места се доведени во прашање, поради кратењето на бројот на часови по историја, а што е предизвикано од, како што велат. непромислените новоконципирани наставни планови и програми, со што во крајна линија се ревидира и содржината на македонската историја.
-Во таа смисла, цврсто опстојуваме на ставот дека Историјата мора да остане посебен предмет и воедно ги поддржуваме колегите кои сметат дека предметите Географија, Граѓанско образование, Биологија, Хемија, Физика треба да се изучуваат посебно. Притоа, предупредуваме дека повторувањето на досегашната практика на избрзано донесување на нови наставни програми за историјата во последен момент, а во конкретниот случај за наставната програма за VI одделение за вештачки конструираниот предмет „Историја и општество“, од што ќе треба да произлезе и експресната подготовка на новиот ревидиран учебник, ќе предизвика крајно штетни последици за македонскиот образовен систем, на што најостро ќе реагираме!
Здружението бара од Министерството за образование и наука да стави мораториум на Концепцијата и под итно да организира широка јавна дебата, која ќе биде заснована на сеопфатна анализа која ќе ги артикулира и досегашните негативни импликации од нејзиното воведување, како и ставовите на научната и академската заедница.
-Во меѓувреме, додека не се подготви и усвои нова Концепција, бараме да се продолжи со досегашните наставни програми. На тој начин ќе се спречат идните штетни последици за учениците, наставниците, како и за севкупниот македонски образовен систем и за граѓаните и државата во целина, велат од Здружението.