Здружението на граѓани ,,Ековита” од Неготино ќе добие општинско признание Осми Ноември, кое традиционално се доделува во чест на ослободувањето на градот. Наградата и признанијата 8-ми Ноември се доделуваат секоја година за постигнувања во одредени области од општественото живеење. Здружението ,,Ековита” беше иницијатор за одржување на референдум против изградба на депонија за индустриски и инертен отпад, кое локалната власт го најави кон крајот на минатата година.
Дури 3.323 граѓани излегоа и го дадоа својот глас, но сепак референдумот не се одржа, бидејќи дел од советниците и градоначалникот Тони Делков сметале дека референдумот е беспредметен и само ќе и донесе непотребни трошоци на општината, бидејќи според нив, проектот за депонијата бил стопиран. Во образложението за причината поради која ,,Ековита” го добива општинското признание е наведено дека активистите го следат аерозагадувањето и алармираат до населението, а ја спроведоа и иницијативата за референдум против изградба на депонија. Исто така, членовите на здружението реализирале низа на активности кои дале активен придонес за развој на граѓанскиот сектор во општината.
Учествувале на повеќе саеми, организирале промотивен настан ,,Донирај за безбеден дом и безбедна околина”, учествувале на Национален рурален парламент во Крушево, а го организирале и натпреварот за потребите на СОУ ,,Свети Кирил и Методиј” Неготино, каде ученици подготвувале рецепти на соларна енергија. Учествувале на повеќе саеми и настани надвор од земјава, и континуирано го мерат електромагнетното зрачење во градот.
Покрај Ековита, признанија ќе добијат и хуманитарецот Димитар Аврамов, наставничката Ѓорѓина Димова, младиот спортист Илија Апостоловски, а највисоката општинска награда од областа на медицината ја добива д-р Силвана Филипова, која е директор на Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас во Скопје.
Вики Клинчарова