Здружение на акционери во Топлификација: Сметката на ТЕ ТО треба да биде блокирана

by fokus

Топлификација АД во декември 2017 година го добива клучниот судски предмет поврзан со финансирањето на ТЕ ТО АД. Согласно одлуката на Врховниот суд на РСМ и согласно признание на ТЕ ТО АД во постапката на незаконскиот стечај на ТЕ ТО АД, кој се реализира на предлог на раководството на ТЕ ТО АД, ТЕ ТО АД е должен да и плати на Топлификација АД 28 милиони евра со валута 01.03.2018 година, реагираат преку соопштение Здружението на граѓани акционери во Топлификација – Скопје.

Во продолжение целосното соопштение:

Незаконскиот стечај на ТЕ ТО АД се реализира со План за реорганизација во кој главна активност е отпис на 150 милиони евра долгови на ТЕ ТО АД. Согласно позитивните законски прописи во РСМ кога фирма отпишува долгови има обврска да плати данок. Во конкретниот случај даночната обврска кон државата на ТЕ ТО АД е 12 милиони евра со валута на плаќање на оваа обврска 15.04.2019 година.

Додатно на оваа обврска, согласно позитивните законски прописи во РСМ, ТЕ ТО АД бил должен да плаќа аконтација на данокот на добивка за 2019 година. Оваа обврска се плаќа на месечно ниво во текот на 2019 година во висина од една дванаесетина од данокот на добивка за 2018 година, или еден милион евра месечно.

Управата за јавни приходи (УЈП), на месечно ниво објавува листа на даночни должници. Од 2019 година до денеска ТЕ ТО АД е фирма со најголем даночен долг во државата кој при крајот на 2019 година достигнува и над 20 милиони евра.

Здружението на акционери на Топлификација АД имаше информации за дадената државна помош на ТЕ ТО АД во втората половина на 2019 година. По активностите спроведени од Државната комисија за спречување на корупција, Владата на РСМ во декември 2020 година го раскина договорот за доделување на државна помош.

Со оглед на огромните штети кои во моментот ги трпи Топлификација АД заради незаконскиот стечај на ТЕ ТО АД, Здружението на акционери на Топлификација АД побара од УЈП одговор зошто сметката на ТЕ ТО АД не се блокира од оваа институција. Блокадата на сметката на ТЕ ТО АД воопшто не би попречила ТЕ ТО АД нормално да работи.

Заради разјаснување на оваа прашање Здружението на акционери на Топлификација АД имаше состанок со највисоките претставници на оваа институција. На тој состанок ни беше кажано дека ги разгледуваат сите можности за решавање на овој проблем.

Со оглед на значењето на овој проблем во процесот на решавање на незаконскиот стечај на ТЕ ТО АД, со оглед на големината на долгот кон УЈП, со оглед на периодот на достасаност во кој се генерираат сериозни износи на законски камати за задоцнето плаќање, кои до овој момент не се вклучени во долгот на ТЕ ТО АД, а кои ги плаќаат најголемиот број даночни должници во државата и со оглед на фактот дека блокадата на сметката на ТЕ ТО АД не пречи фирмата да ја извршува својата функција сметаме дека сметката на ТЕ ТО АД веднаш треба да биде блокирана од страна на УЈП.

Незаконскиот стечај на ТЕ ТО АД е единствена причина за стечајот на Топлификација АД. Во оваа стечајна постапка на Топлификација АД проценетиот имот на фирмата е над 31 милион евра. Додатно на тоа признатите побарувања на Топлификација АД во незаконскиот стечај на ТЕ ТО АД со валута 01.03.2018 година се над 28 милиони евра.

Овие побарувања на денешен ден се над 33 милиони евра. Имајќи ги во предвид овие неспорни факти вкупната штета на Топлификација АД во двете поврзани стечајни постапки е над 64 милиони евра. Доколку дојде до оштетување на овој имот во стечајната постапка на Топлификација АД неспорно е дека во постапките кои ќе следат од страна на оштетените акционери на Топлификација АД можни се сериозни штети и за Република Северна Македонија.

Поврзани новости