Треба да направиме вистински и коренити промени во здравствениот систем во државата. Јавното здравство има лоша организација, резултати се чекаат и по неколку недели, а стратешка грешка е и што владата не продолжи со градба на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, а младите лекари ја напуштаат земјата.
Ова беше кажано на денешната панел дискусија на ВМРО-ДПМНЕ за „Здравство“ во рамки на „Пораки од реалниот живот“, што денеска се одржа во просториите на партијата.
Според Игор Николов, изминатите седум години е направена стратешка грешка во здравството со неизградбата на постоечкиот план и потпишан договор за градба за клиничкиот центар во кампусот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
Како што рече, на сметка на тоа се отиде на медиумската кампања за изградба на клинички центар на нова локација за која немаше ниту проект, ниту истражување на локацијата, што доведе Македонија се уште да нема современ центар за терциерно здравство за третман на пациентите.
-Можеме едно да кажеме дека се случи една голема стратешка грешка, последниве седум години, а тоа е стратешката грешка да не се продолжи градбата на Клиничкиот центар Мајка Тереза, туку се навлезе во еден некаков притисок на градење на клинички центар во локација која што не беше испитана геомеханички, ниту дали има археолошки наоѓалишта, ниту имаше проект и на големи труби и фамфари се велеше дека оваа локација е перфектна и дека тоа ќе биде добро за целиот здравствен систем и на крај завршивме да немаме никаков проект од тоа – истакна Николов.
Членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Ристо Симеонов, на трибината потенцираше дека во приватна установа резултати од испитувања се добиваат веднаш истиот ден додека пак во јавна установа тоа се чека со недели.
-Разликата помеѓу јавното и приватното здравство е во организацијата на здравствениот систем. Приватното здравство е добро организиран здравствен систем каде пациентот добива брза и ефикасна здравствена услуга, тоа е заради персонализираниот пристап. Во приватна болница секој вработен има ефективно работно време, тоа е главниот предуслов и главната разлика помеѓу јавно и приватно здравство – посочи Симеонов.