Независниот синдикат на здравство и Независниот синдикат на геријатрија, по денешната средба во Министерството за информатичко општество и администрација (MIOA) која поминала во добра атмосфера, изјавија дека доколку ресорните министерства немаат слух за нивните барања, не очекува „жешка есен“ исполнета со протести на здравствените лица и полицијата
На денешниот состанок во МИОА, од двете засегнати страни било констатирано дека постојат голем број аномалии во колективните договори на здравствените работници. Притоа било нотирано и дека иако синдикатите упатиле барања за решавање на ова прашање и во Министерство за финансии и во Министерство за здравство, досега одговор не добиле. Затоа, велат, доколку не добијат решение до септември, ќе излезат на протести заедно со полицијата.
„На состанокот се реши дека има голем број аномалии во колективниот договор во врска со здравствените работници, со здравствениот административен персонал, со техничкиот персонал за коишто има потреба да се решат постепено“, рече националниот координатор за Независните синдикати за здравство Боби Бојчевски.
Тој рече дека здравствените работници се маргинализирани и доведени до раб на егзистенција, и затоа подобро е да се решат овие проблеми и да добијат покачување на платите за 30 проценти.
Претседателот на независниот синдикат на геријатрија, Лазо Костовски, кажа дека болничарите и негувателките треба да се водат како здравствени работници, а не како технички персонал како што е случајот сега, а воедно, потребно е зголемување на нивната плата за да не бидат во категоријата минималец.
„Сега понатака останува на работодавачите, дали ова од денешната средба ќе го прифатат и ќе го внесат во документите или пак ќе си продолжат како досега, да не ги признаваат како здравствени работници туку да продолжат како технички персонал, што не е во ред“, изјави Костовски.