Директорот на кавадаречката болница, доктор Диме Коцев, вели дека и покрај тоа што првиот удар на корона вирусот бил успешно амортизиран, сепак борбата продолжува.
Апелира до јавноста да им помогне на здравствените работници со тоа што ќе ги почитува мерките. Исто така, порача и надлежните институции да ги спроведуваат контролите.
-Ја стабилизиравме состојбата во земјата со контролираниот број на нови случаи и во ниту еден момент не се преоптерети капацитетот на ниту една институција, односно болница, како во цела држава, така и во Општина Кавадарци. Сето тоа беше резултат на мерките кои навремено ги донесовме во насока на заштита на здравјето на граѓаните. Меѓутоа, потребно е и понатаму строго почитување на сите мерки и препораки со цел да ја задржиме епидемијата под контрола. Здравствените работници не можат сами, граѓаните мора да помагаат преку почитување на мерките. Секој од нас е еднакво важен во битката со корона вирусот. За да ја одржиме епидемијата под контрола и да го заштитиме нашето здравје, потребно е да ја одржуваме потребната физичка дистанца и да не се групираме – изјави Коцев.
Исто така, тој порача да се носи заштитна опрема на сите места каде тоа е пропишано со мерките. Редовна дезинфекција на рацете, заштитна маска на сите јавни површини каде не може да се одржи дистанца од два метри, во сите јавни објекти, јавен превоз, чекални, маркети, банки и слично.
-Рестриктивните мерки се опуштаат секаде, со цел полека враќање на животот во нормала. Економијата заживува и како секаде во светот почнуваме да живееме понормално. Но, ова може да го одржиме само ако сите граѓани ги почитуваат мерките, а институциите ги спроведуваат контролите. Покажавме сите заедно дека умееме одлично да се носиме со големите предизвици и кризи. Истото ќе го правиме уште подобро кога и да го имаме пред нас повторно предизвикот за заштита на јавното здравје и секако за заштита на граѓаните – порача Коцев.
Вики Клинчарова