Со протест кој симболично ќе започне во „5 минути до 12 часот“ пред Министерството за здравство, здравствените работници, како што најавија, денеска ќе го изразат своето незадоволство од сè уште непотпишаниот анекс на колективниот договор кој предвидува покачување на нивните плати согласно растот на минималецот.
Протестот го организира Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита при Сојузот на синдикати на Македонија.
-Часот во кој се организира протестот претставува симболика на тоа дека по целиот наш труд и аргументиран пристап кон Министерството за здравство како социјален партнер во изминатите шест месеци, веќе е време да се реализира самото потпишување на анексот за изменување и дополнување на колективниот договор за здравствената дејност – стои во објавата на ССМ.
Синдикатот на здравствените работници условно го најави денешниот протест уште во понеделникот, кога соопшти дека доколку колективниот договор не биде потпишан до среда (29 март), здравствените работници ќе го изразат својот револт на протест в четврток.
Во врска со најавениот протест, претставници на Синдикатот испратиле и официјален допис до Министерството за здравство во кој, меѓу другото, појасниле дека протестот е условен од потпишувањето на анексот.