Здравствениот персонал се бори за секој човечки живот, Лекарската комора го осудува нападот врз докторката

by Fokus

Лекарската комора на Република Северна Македонија најостро го осудува најновиот инцидент во ЈЗУ ГОБ ” 8-ми Септември ” – Скопје во кој, вчера во вечерните часови,  роднини на почината 60-годишна пациентка од ковид-19 се обиделе да го земат телото на починатата и упатиле закани кон докторката.

Комората има разбирање за здравствените проблеми на пациентите и со нивните блиски, но и во оваа прилика јасно се декларира дека осудува какво било насилство врз медицински персонал. Дотолку повеќе што медицинарите  секојдневно, во услови на пандемија, се борат за животот на пациентите.

Сведоци сме дека во изминатите пет месеци докторите и севкупниот здравствен персонал се бореа за секој човечки живот и затоа Комората го осудува секое непочитување на нивната работа, труд, жртва и ризик со кој се изложуваат на највисоко ниво во пружањето на услугите. ЛКРСМ смета дека и пациентите треба да имаат предвид дека здравствениот персонал безрезервно и максимално се вложува за нивното здравје, за сметка на своите семејства. Затоа сметаме дека тие заслужуваат само поддршка, а не закани.

Лекарската комора апелира секој во рамки на своите ингеренции да се вклучи во заштита од насилство врз здравствените работници и соработници.  Заложбата на Лекарската комора е за јасно и транспарентно делување во кое нема никаква толеранција за насилство насочено против лицата кои даваат здравствени услуги, а тоа мора да се воведе на сите нивоа во секторот на здравствена заштита и јавно да се поддржува од сите инволвирани.

Поврзани новости