Поради спреченост на обвинителот и на дел од обвинетите, за 22 декември е презакажана главната расправа за предметот „Т.Н.Т.“ што требаше да се одржи денеска, информираат од Основен кривичен суд Скопје.
-Главната расправа за предметот со КОК бр. 53/17, од обвинителството означен како „Т.Н.Т.“, за 14.12.2021 година се презакажува заради спреченост на обвинителот и дел од обвинетите да присуствуваат на судењето од здравствени причини, соопшти Основен кривичен суд Скопје.
Следниот термин за продолжување на главната расправа, како што посочуваат од Судот е на 22 декември од 10:00 часот за што, како што велат, веќе се известени странките во постапката.
Случајот „Т.Н.Т“ се однесува за уривањето на комплексот „Космос“ на инвеститорот Фијат Цановски.
Обвинети се повеќе лица, меѓу кои и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и тогашниот градоначалник на Општина Гази Баба Тони Трајковски, додека во отсуство му се суди на екс премиерот Никола Груевски.