Здравствен работник од Тетовско што работи во Скопје е првиот и засега единствен пријавен случај на заразено лице со морбили од овој регион, информираа од Центарот за јавно здравје Тетово. Според нивните податоци, случајот бил забележан минатиот петок, а лицето сега се наоѓа на домашно лекување.
Од Центарот посочија дека во тек се контроли на сите вакцинални пунктови во регионот под нивна надлежност за утврдување невакцинирани и нецелосно вакцинирани лица со пропишаните две дози на вакцината МПР за превенција од морбили.
Најавија дека комплетниот извештај за овие состојби ќе биде готов следната недела, но и оти според досега добиените податоци најголем дел од невакцинирани лица, пред сè деца, се од подрачјето на град Тетово особено на пунктот за претшколска медицина.
„За сите лица за кои ќе има податоци дека не се вакцинирани делумно или целосно, веќе им се испраќаат покани да дојдат и да го сторат тоа во соодветните вакцинални пунктови. Најголем дел целосно невакцинирани се деца од предучилишна возраст, додека на поедини пунктови и особено кај школската популација од прво одделение ревакцинирањето тече нормално, без одбивање“, информираа од Центарот за јавно здравје Тетово.
Оттаму соопштија и за состојбите со другите видови сипаници, при што во Тетовско во текот на 2018 година вкупно биле регистрирани 411 случаи на варичела, додека во првите дваесетина дена од јануари оваа година биле забележани 72 случаи.
„Овие бројки се очекувани и вообичаени за зимскиот период. Преовладуваат групи на деца од школска возраст од 7 до 9 и од 7 до 11 години, но се јавува и кај петгодишните деца“, велат од Центарот за јавно здравје Тетово.