Популарниот пејач Здравко Чолиќ се најде на удар на јавни критики, откако се појавија видео снимки од неговиот концерт кој се одржал во Осло, на 6-ти мај, додека во Србија траеше тридневната жалост поради трагичните настани во кои животот го изгубија и беа ранети голем број на деца.
Додека сите познати музички имиња од Србија излегоа во јавност со пораки со осуда за настанот, со сочувство за фамилиите и порачаа дека ги откажуваат своите концерти, српските медиуми јавуваат дека Чолиќ и покрај се, го одржал најавениот концерт во Осло.
Тоа бил негов концерт таму, по четири години пауза.
На онлајн страницата на која се продавале билетите за настанот нема информација дека бил откажан, туку е наведено дека концертот е распродаден. И на музичкиот канал Јутјуб веќе се прикачи снимка за која пишува дека е од неговиот концерт од шести мај, а на која тој пее заедно со бендот и со публиката во позадина.
Инаку, Чолиќ е еден од најскапо платените музичари во регионот, и е чест гостин на општински манифестации во земјава.
Вики Клинчарова