Збунети странци чекаат да платат патарина на старата наплатна рампа во Градско!

by Фокус

Веќе околу една недела во функција е ставена новата наплата рампа кај Градско, на автопатот Неготино – Велес, која се наоѓа на неколку стотици метри од старата рампа. Но, за патниците кои за прв пат минуваат на тој правец по отворањето на новата рампа, посебно за странски туристи, недоволно означената стара рампа делува збунувачки, па неколку дена наназад се создаваат цели колони на возила кои чекаат да платат патарина, без да знаат дека нема никој во наплатните пунктови и истата не е веќе во функција.

Она што ги иритира возачите е што нема никаква светлосна ознака дека рампата не работи, па неупатените стојат во колони и чекаат пред пунктовите, некои нервозно свират, а има и такви кои одат и тропаат на прозорецот на наплатниот пункт. Единствената информација дека патарината не работи и е поместена стотици метри погоре е лист од хартија на кој е испечатено – Слободен влез, залепен на вратата на наплатниот пункт.

И денес пред старата рампа кај Градско беше актуелна истата слика од пред неколку дена. Цели колони на возила, помеѓу кои неколку од соседна Србија, но и возила од Грција чекаа пред пунктот, веројатно мислејќи дека вработените имаат пауза или пак дошле за време на смената на вработените. Откако упатени возачи излегоа од возилата да им појаснат дека патарината не работи, зачудените странци си го продолжија патувањето, негодувајќи поради тоа што нема никаква светлосна сигнализација која ќе им укаже дека можат слободно да поминат.

Во летниот период кога има зголемен број на странски граѓани кои минуваат транзит низ нашата земја, на старата наплатна рампа кај Градско неретко имаше застој и се чекаше со часови. Со новата, проширена наплатна рампа се очекува да се забрза протокот на возила и да се намалат гужвите и застојот на патиштата.

Вики Клинчарова

Поврзани новости