Завршува периодот на идеализмот, почнува периодот на реализмот

by Фокус

Во продолжение, Карингтон го прозива министерот за надворешни работи на Србија, Владислав Јовановиќ: „Дали укинувањето на санкциите на ЕЗ кон Србија е услов да се прекинат економските санкции на Србија кон Македонија и кон Босна“. Јовановиќ почнува еден долг замрсен одговор, како не е праведно од земја врз која се применуваат санкции да се однесува… и така натаму и на тоа слично. ,,Дали одговорот на моето прашање е „Да“?“, прашува Карингтон. „Да“, одговора Јовановиќ.

Пишува: Денко МАЛЕСКИ

(Белешки од годините на независноста)

Конференцијата за Југославија под претседателството на Карингтон продолжува натаму со својата работа и во текот на 1992 година. Но, исчезна и тој малку ентузијазам што го имавме за можноста хаосот што го создадоа серијата крвави етнички судири да се реши на конференциската маса.

Заврши периодот на идеализмот. Почна периодот на реализмот. Целото внимание на светската јавност се сосредоточи кон ужасот во Босна. Таму, имено, се префрли војната, а Конференцијата за Југославија беше немоќна пред ураганот на етничката омраза.

ГОВОРОТ НА КАРИНГТОН

На состанокот на министрите за надворешни работи на републиките од 9 март 1992 година, лордот Карингтон, забележувам, првпат држи говор. Се прашувам дали со тоа сака да го означи и крајот на Конференцијата или верува во некаков нов почеток.

Вели дека поминаа шест месеци како што седнавме на масата на оваа конференција иницирана од ЕЗ, чии држави не можеа веќе да го гледаат убивањето во Хрватска. Ја објаснува целта на состанокот и вели дека сака да гледа напред, а не назад. А, потоа, со нему својствен „сериозен“ хумор вели : „А, сега назад кон документот!“

Објаснува дека сега улогата на ОН е комплементарна со таа на ЕЗ. Значи, ЕЗ е задолжен да произведе мир, а ОН да го чува. Предлага пет теми за расправа: економски односи, човекови права и правата на малцинствата, статусот на деловите на Хрватска со српско мнозинство, Босна и сукцесија.

За економските проблеми вели дека е фрапантно отсуството на оваа тема. Смета дека, исто така, како што направивме политички пробиви, можни се и економски. Вели дека економските механизми треба да проработат со време и спомнува заеднички внатрешен пазар.

Вели дека никој нема да профитира ако се разбие пазарот на Југославија во услови кога Европа се обединува. Ни се обраќа со зборовите: „На вас е да се договорите за економските аранжмани“.

УСЛОВОТ НА СРБИЈА

Зборувајќи за втората тема, човековите права и правата на малцинствата, вели дека „договорот треба да им пружи гаранции на сите“. Што се однесува до статусот на Србите во Хрватска, вели дека Хрватите ќе донесат уставен закон во согласност со глава 2 од нацрт-документот.

Нѐ информира дека за таа цел ќе испрати извидничка мисија во Загреб. Зборува за трагичната ситуација во Босна и спомнува дека амбасадорот Кутиљеиро од Португалија имал четири рунди разговори.

Резултат: „Нема договор“. Објаснува дека муслиманите и Хрватите ги прифатиле принципите, но дека на Србите им биле потребни дополнителни консултации. „Тие што се во состојба да го сторат тоа, порачува Карингтон, нека им кажат дека ова е најдобрата зделка што ќе можат да ја направат“. За сукцесијата, пак, вели дека има различни мислења.

„Ова се нашите главни грижи“, порачува Карингтон, и продолжува: „…Со доаѓањето на мировните сили на ОН, очите на светот ќе бидат вперени во нас да најдеме задоволителни решенија… 14.000 војници не доаѓаат за да останат засекогаш“, и одново повторува дека „ние треба да најдеме начин да ги решиме проблемите“.

Во продолжение, Карингтон го прозива министерот за надворешни работи на Србија, Владислав Јовановиќ: „Дали укинувањето на санкциите на ЕЗ кон Србија е услов да се прекинат економските санкции на Србија кон Македонија и кон Босна.“ Јовановиќ почнува еден долг замрсен одговор, како не е праведно од земја врз која се применуваат санкции да се однесува… и така натаму и на тоа слично.

,,Дали одговорот на моето прашање е „Да“?“, прашува Карингтон. „Да“, одговора Јовановиќ.

АКО ГО САКАТЕ МОРКОВОТ – ТРУДЕТЕ СЕ

Во продолжение, лордот Карингтон предлага да се именува некој поискусен претставник на заедницата, кој би го надгледувал процесот на сукцесија. Констатира дека веројатно ќе треба арбитража за наследството, околу која нема согласност.

Предлага тоа да биде обврзувачка арбитража, па коментира: „Знаете, во моето детство одлуките на судијата секогаш беа задолжителни. Изгледа тоа не е така денес“, малку подзастанува, па продолжува – „кога гледам спорт“. Потоа сериозно предупредува дека „членувањето во меѓународните тела на ОН може да биде тешко ако претходно не се среди сѐ“.

Што се однесува до односите со ЕЗ, нам, на претставниците на републиките, сега, по одлуките на Бадинтеровата комисија, прогласени за суверени држави, ни порачува: „Ќе треба да поминете долг пат до придружно членство, но тоа е морковот со кој Заедницата ќе мафта пред вас, па ако го сакате – трудете се“.

Јас му заблагодарувам на Карингтон за ангажманот во барањето мирно решение за кризата, па упатувам благодарност до Сајрус Венс и до холандскиот амбасадор Анри Вејнандс „за пожртвуваниот ангажман во истата насока“. Карингтон нѐ информира дека следува прес-конференција, ова веќе се однесува на Србите, „нема сомнение дека ќе ми противречите, иако се надевам дека нема да ми противречите премногу.“

Дообјаснува дека им ветил на медиумите дека „ќе прими уште по некој куршум на крајот од состанокот“ и со театрално движење на раката порачува да се пуштат новинарите со зборовите: „Дозволете им на нашите господари да влезат!“ Состанокот со министрите за надворешни работи на шесте републики заврши.

(Продолжува)

Поврзани новости