Завршува новогодишната кошничка која траеше еден месец и беше формирана на иницијатива на бизнис секторот, а која вклучуваше над илјада производи. Оваа кошничка стартуваше на 15 декември без владина одлука затоа што беше предлог на бизнис заедницата и затоа Владата ги остави трговците сами да одлучат кои производи ќе ги нудат со попусти од 10 до 20 проценти.
На самиот старт на новогодишната кошничка имаше реакции од јавноста дека за сметка на одредени прехранбени производи коишто се намалени, значително поскапеле други производи кои не беа дел од кошничката.
„Денеска завршува акцијата Новогодишна кошница која што беше креирана на предлог на бизнисот со поддршка на Министерството за економија и труд и траеше од 15 декември 2024 година до 15 јануари 2025 година. Со истата се спречи зголемување на цените пред и за новогодишните и божиќните празници и се одржа стабилно ниво на инфлацијата во месец декември 2024 и месец јануари 2025 година, за време на новогодишните и божиќните празници кога има зголемена потрошувачка. На листата на производи, како што е објавено и на веб-страната Моја кошница која што Министерството за економија и труд ја креираше токму за оваа акција се вклучија 1178 производи од 96 производители и дистрибутери се вклучија 51 маркети, а акцијата се применуваше во 762 продажно место. Ако ги согледаме овие бројки сметам дека акцијата Новогодишна кошница беше успешна и придонесе за намалување на цените на производите кои што беа вклучени во нејзе“, соопштија од кабинетот на министерот за економија Бесар Дурмиши.
Најголем дел од производите во маркетите беа намалени во рамки на акцијата „Новогодишна кошничка“ која ја спроведува Владата по предлог на бизнисот, но не и основните производи како зејтинот, шеќерот и јајцата, односно акцијата на Владата на предлог на бизнисот даде контраефект: најважните основни производи добија повисоки цени.
Во неколку маркети во Скопје граѓаните ги споредуваа цените од производ до производ и коментираа дека не очекувале вакви цени. Еден литар зејтин кон крајот на октомври и почетокот на ноември беше 73 денари, потоа просторот без владина акција го искористија добавувачите и цената скокна на 92 денари. Сега, за само една недела откако почна акцијата „Новогодишна кошничка“ се покачи на 97 денари.
Тоа се должи на фактот што во оваа акција владата е само логистичка поддршка и реши да му остави на бизнисот, односно на супермаркетите, производителите и дистрибутерите да одлучат кои цени да ги намалат. Тоа значи поевтини цени, но не на најосновните намирници, туку на оние производи кои можат да се најдат на празнична трпеза.
Бидејќи беше на иницијатива на бизнис секторот, немаше владина одлука, а Државниот пазарен инспекторат можеше да врши само мониторингот на цените во согласност со Законот за заштита на потрошувачи и Законот за трговија, односно се гледаа цените на производите кои се во Новогодишната кошница и најниските цени на истите производи кои биле во последните 30 дена.
Дека мерката не беше успешна потврди и премиерот Христијан Мицкоски кој на неколку дена пред новогодишните и божикните празници рече дека трговците ја злоупотребиле довербата намалувајќи едни производи, а покачувајќи други меѓу кои и основните.
– Ќе побарам робусна, жестока акција од Пазарниот инспекторат затоа што добивам информации дека некои од маркетите шпекулираат и се служат со трикови. Јас со трикови не функционирам и тие што мислат дека ќе функционираат со трикови, се лажат. Не може тоа што на нив им беше дадено како право и можност за едни производи, сега да го прават со драматично зголемување на некои други призводи како маслото, лебот, јајца, брашно…. Жестоко ќе се спротивставиме со оние што мислат дека не надмудриле. Срамота е ова што го прават пред празниците што доаѓаат. Сакавме да покажеме добра волја, а видете како враќаат. Ова не е коректно и денеска од страна на министерот за економија и труд ќе побарам вонредна инспекција и ова девијатно однесување да престане, рече Мицкоски.
Лошиот ефект од мерките го потврди и Државниот завод за статистика кој објави дека инфлацијата во декември 2024 е за 4,4 проценти повисока од истиот период во 2023 година и дека најголем скок има кај храната. Трошоците за живот во декември 2024 година се зголемени за 4,4%, основните животни производи, без кои не може да се замисли ниту еден дом, поскапеле за 4,3%.
Орце Костов