Маратонските сослушувања за настаните околу упадот во Капитолот лани на 6 јануари дојдоа до некаква завршница неделава со, за многумина изненадувачката, конгресна покана од комисијата за сведочење до Доналд Трамп, поранешен претседател на САД.
Тврдокорните, од демократскиот но и од републиканскиот табор, како Лиз Чејни, се надеваа дека тој, како главен поттикнувач на немилите настани на 6 јануари, ќе биде изнесен од Мар-а-лаго со лисици на рацете.
Но наместо тоа, сослушувањето заврши со конгресна покана и можно, макар што малку веројатно, продолжување на сапунската опера за падот на американската демократија, за што најзаслужен, според многумина, е самиот Трамп, а потоа радикалните групи ако „Горди момчиња“ и останати.
Објективните познавачи се задоволни што сослушувањата (девет по ред) барем завршија со лекција до јавноста „никогаш да не се повтори“. Последното сослушување беше еден вид на компилација од претходните со истакнување на најспорните аудио и видео снимки, како онаа од тајната служба што е доказ дека Трамп сакал да оди во Капитолот и да се обрати на агресивната толпа поддржувачи. Но и два-три нови докази што не ја сменија суштината.
Значи, заклучокот од ова сослушување е не дека се нашле нови докази за главната улога на Трамп во поттикнувањето на нападот, што беше цел на истрагата на комисијата, туку можна втора сезона сослушувања, односно конгресна покана до екс-претседателот
Сослушувањето би било за негово одговарање на истите прашања поставени и пред редица некогашни соработници во Белата куќа кои продефилираа на пред комисијата како советникот Пат Сиполоуни и помошничката Касиди Хачинсон.
Секоја конгресна покана е обврзна, ако повиканиот не одговори се соочува со тужба и судски процес ако тој реши да ја оспорува. Трамп секако се очекува да ја оспори и да оди на судска разрешница. Во своите настапи, тој постојано ја деградира и негира работата на комисијата па неговиот одговор е очекуван.
Сега, тој има две опции, да ја оспори поканата со што процесот би се развлекол до 2023 година, кога би истекол мандатот на оваа комисија, ако републиканците го земат Претставничкиот дом под своја контрола на изборите во ноември.
Втората можност е демократите, ако останат мнозинство, да изгласаат негово непочитување на Претставничкиот дом, и да го пренесат случајот кај јавниот обвинител Мерик Гарланд за кривичен прогон.
Гарланд тогаш би одлучил дали да го тера случајот, како што тоа го направи во два наврати претходно, за поранешните советници Стив Бенон и Питер Наваро, кои беа повикани да сведочат но ја оспорија одлуката и изгубија.
Од друга страна, Гарланд отфрли да отвори кривични против поранешниот шеф на кабинетот на Трамп, Марк Медоус, и помошникот Ден Скавино, така што може да се случи да не отвори случаји и против екс-претседателот.