Заврши времето на како досега, кога неправдата и криминалот остануваа неказнети и ве уверувам дека никој во иднина нема да го краде македонскиот народ без притоа да одговара пред истиот, порача министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во новогодишното обраќање до граѓаните.
-Во текот на изминатава година, уште од првиот ден од преземањето на одговорноста, максимално посветено, професионално и транспарентно се ангажиравме во решавањето на затекнатите ситуации и заедно постигнавме значајни успеси. Ги идентификувавме пропустите и веднаш презедовме мерки со кои ја вративме довербата на граѓаните. Нема повеќе нарушување на достоинството на никого, на ниеден граѓанин.
Во таа насока, секојдневно продолжуваме со унапредување и модернизација на услугите и процесите со цел креирање побрзи и поефикасни решенија и услуги за сите македонски граѓани. Затоа вложуваме и посветено градиме полиција која ќе биде модерна, опремена, обучена и спремна да одговори на сите предизвици. Безбедноста и достоинството на граѓаните се наш најважен приоритет – вели Тошковски.
Тој наведе дека делата и бројките што ги оствариле самите говорат за нивната одлучност во борбата со криминалот и корупцијата кои го разоруваат општеството и ја нарушуваат благосостојбата на граѓаните.