Заврши протестот против отворањето на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, организиран од политичката партија Левица, а поддржан од ВМРО – ДПМНЕ.
Поддржувачите на Цар Борис Трети, ги собраа знамињата и го напуштија клубот од задниот излез на објектот.
Револтирани граѓани со знамиња и пароли излегоа пред Амамот, место каде е лоциран Клубот извикувајќи „татари“, „фашисти“, „нацити“, „бугарофили“…, го изразија незадоволството против, според дел од нив, неговиот назив. Незадоволтвото го изразија со фрлање камења и јајца кон просториите во кои е сместен клубот.
– Провокативно е името, немаме против отворањето на клубот. Секој има право да каже како се чуствува, но името е провокативно – и цар Борис и Ванчо Михајлов во Битола. Немаме ништо против нивната определба, нека си кажат како се чувствуваат, но имињата се провокативни, велат насобраните граѓани.
Во еден момент состојбата ескалираше, кога дел од групата демонстранти се обиде да го пробие полицискиот кордон, но полициските службеници успеаја да спречат инцидент.
Претседателот на здружението „Цар Борис Трети“, Томе Блажевски рече дека здружението е отворено пред една година со сите документи, со цела почит кон државата, институциите и законите, нагласувајќи дека се запазени сите закони.
– Ние сме почитувачи и само го избравме ликот на Цар Борис Трети, како еден бугарски цар. Ние ниту сме помислиле да направиме некоја провокација, ниту ништо. Ние си живееме во Охрид, во Македонија. Не сме имале проблем со луѓето. Не сме провоцирале некој. Како што кажав, се се исполитизира и тоа е, изјави Блажевски по отворањето на клубот.