Членовите на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците денеска ја завршија расправата за годишниот Извештај за работата на Советот на јавни обвинители за 2021 година. Комисијата го проследи Извештајот на понатамошна постапка во Собранието, а продолжението на седницата е закажано за в понеделник во 11 часот.
Дел од пратениците од опозицијата на денешната седница нагласија дека состојбата во правосудниот систем е „катастрофална“, оценувајќи дека владејачкото мнозинство е ,,незаинтересирано, бидејќи не присуствува на седницата со цел да избегне дискусија”.
Пратеникот Александар Велјановски од ВМРО-ДПМНЕ изјави дека се додека правосудството е под закрила на извршната власт, ќе постои недоверба во него и анкетите ќе покажуваат поразителни резултати.
– Голема недоверба, допрено е дното. Голема заслуга во градењето недовреба во системот има и јавниот обвинител Љубомир Јовевски. Треба човек сам на себе да си признае кога работите не одат во добра насока. Треба некој да понесе одговорност. Не очекувам додека е оваа Влада некој да понесе одговорност, но апелите се да се расчистат случаите кои прават земјотрес во општествениот живот на државата, бидејќи токму Јовевски е клучна алка во градењето на оваа недоверба, рече Велјановски.