Првиот африкански климатски самит заврши денеска со усвојување на Декларацијата од Најроби, која има за цел да го конкретизира потенцијалот на африканскиот континент за зелен раст, изјави кенискиот претседател Вилијам Руто.
„Оваа декларација ќе биде основа за заедничката позиција на Африка во светскиот процес за климатските промени и пошироко“, наведуваат потписниците на текстот, prenese АФП.
Самитот во Најроби е почеток на четиримесечните меѓународни состаноци за климата што ќе кулминираат со конференцијата COP28 на ОН во Дубаи на крајот на ноември, каде што се очекува жестока борба да стави крај на употребата на фосилни горива.
Во завршната декларација, африканските земји бараат од меѓународната заедница да придонесе за зголемување на капацитетот за производство на енергија од обновливи извори во Африка од 56 гигават часови лани на најмалку триста гигават часови до 2030 година, со цел да се борат против енергетската несигурност и да се зајакне глобалното снабдување со чиста и исплатлива енергија.
Се предлага да се воспостави „нова архитектура за финансирање приспособена на потребите на Африка, вклучувајќи реконструкција и олеснување на долгот“, што силно тежи на нивните економии. Тие, исто така, ги повикуваат светските лидери да го поддржат предлогот за данок на јаглерод, вклучително и данок на јаглерод за трговијата со фосилни горива, поморскиот транспорт и воздушниот сообраќај, кој исто така може да биде зголемен со глобален данок на финансиски трансакции.