Во Собранието заврши општиот претрес по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година, по скратена постапка. Седницата ќе продолжи вечерва,, а во меѓувреме ќе се одржи ат-хок координација меѓу пратеничките групи и претседателот на Собранието Талат Џафери.
Дебатата за одложувањето на пописот во септември се води главно помеѓу пратениците од Алијанса на Албанците и Алтгернатива, кои се против одложувањето на пописот и ДУИ, кои сметаат дека пописот треба да се одложи и дека тоа нема да влијае на процесот.
Пратениците од Алијанса на Албанците и Алтернатива го повторуваат својот став дека одложувањето на пописот не е поради пандемијата со Ковид-19, туку од политички причини односно поради масовното попишување на Албанците од дијаспората. Тие ги повикаа пратениците од ДУИ „еднаш да застанат зад дијаспората“ и да гласаат против одложување на пописот за септември. Според нив, ДУИ е виновна за заминувањето на Албанците од земјата.
Пратениците Елми Азири и Халил Снопче го повикаа претседателот на Собранието Талат Џафери да не гласа за одложување на пописот потсетувајќо на една негова телевизиска изјава дека „пандемијата не е причина за одложување на пописот“. Азири рече дека Џафери треба да го следи примерот на Изет Меџити кој јавно кажал дека нема да го поддржи одложувањето на пописот.
Џафери излезе на реплика и побара пратениците да не се мешаат во неговите ставови, кои се конзистентни, и дека тој одговара само пред граѓаните кои го избрале. За примерот што го посочи пак Снопче, тој рече дека не е прeдавник и оти бил генерал во УЧК и не се срами од тоа. Џафери рече дека тие го повикуваат да биде предавник на лидерот.
Координаторот на пратеничката група на ДУИ Арбр Адеми кажа дека албанската опозиција постојано ги менува ставовите.
Бранислав Крмов од Левица, како и Никола Мицевски и Гордана Силјановска Давкова сметаат дека до септември треба да се смени методологијата за спроведување на пописот и оти одложувањето било препорака на здравствените власти.
Павле Трајанов од Демократскиот сојуз рече дека денешната статистика со 50 починати се доволен основ да се пролонгира пописот.
– Значи 50 починати во изминатите 24 часа. Имаме приближно 20.000 инфицирани или заболени грашани на оваа држава. Втор аспект, вие го посочивте, можеби тоа е главниот проблем во нашата држава, што некоја од политичките партии и носители на државни функии повикуваат Албанците да се попишат. Мислам дека тоа е разгорување на национална и верска омраза. Тоа не е во функција на градење на единство во држвата, рече Трајанов.
Додаде дека ВМРО-ДПМНЕ бараше да се одложи пописот, Левица да се бојкотира, а ДС да се одложи пописот заради сите овие елементи.
-Треба да имаме во вид дека ние живееме во една држава. Не може да се води кампања против државата во која што живееме, против Македонците, против македонштината, а од друга страна да бараме трпение и толеранција, рече Трајанов во реплика на пратеничката Сафија Садики Шаини од Алтернатива.
На дневен ред на 38. седница на Собранието се и измените на Изборниот законик со кој се предвидува употреба на терминали за отчитување на отисок од прсти на локалните избори, што исто така ќе бидат одложени за втората половина на октомври.
По завршување на 38. седница на Собранието, како што е најавено, ќе продолжат 20-та, 25-та, 26-та, 29-та, 30-та и 34-та седница на Собранието.
Преседателот на Собрнанието Талат Џафери најави дека пратениците вечерва би можеле да работат подолго за да ги завршат планираните обврски.