Заврши обдукцијата на момчето кое почина по интервенција на заб

by Fokus

Откако во петокот е извршена ексхумација на телото на починатото 25 годишно момче од Берово, на Институтот за судска медицина завршена е и постапката за обдукција, но во тек се анализите за утврдување на точната причина за смртта, информираат од Установата.

Според информации на Сител за да се утврди евентуална лекарска грешка во овој случај неопходно ќе биде судско – медицинско вештачење откако блиски на починатиот пациент обвинија дека момчето добило сепса по направена интервенција на заб во штипската клиничка болница.

Предмет по допрен глас отвори и обвинителството.

– Согласно наредбата на јавниот обвинител, ексхумацијата е извршена и во тек е обдукција на телото на починатото лице со цел да се утврдат причините за смртта, како и евентуалната причинско-последична поврзаност меѓу извршените медицински интервенции и смртниот исход. По добивање на вештиот наод, надлежниот јавен обвинител ќе донесе одлука за натамошниот тек на постапката, велат од обвинителството.

Во меѓувреме, се уште трае инспекцискиот надзор на ДСЗИ во установите каде било третирано момчето. Медицинските извештаи биле прегледани само во Клиничката болница во Штип, денеска инспекторите ги проверуваат документите на КАРИЛ каде пациентот почина за неполни 24 часа по приемот, а ќе се проверува како го лекувале и матичниот лекар и стоматолог, како и беровската итна медицинска помош.

Инаку стручната комисија за овој случај формирана од министерот Беким Сали прво ќе чека да заврши надзорот од ДСЗИ, па ке проверуваат дали нивните колеги правилно го лекувале момчето.

Кои лекари ќе прават ревизија на случајот од министерството не откриваат.

25 годишникот почина во средата откако пред 10-тина му била правена интервенција на заб.

 

Поврзани новости