Малта ќе биде идниот претседавач со Организацијата во 2024 година, одлучија едногласно 57 земји членки на маргините на 30. Министерски состанок на ОБСЕ, што изминатите три дена се одржа во Скопје. Учесниците донесоа и одлука за продолжување на мандатите на првите луѓе на четирите значајни институции на оваа Организација. Меѓу другото, беше испратен и апел Руската Федерција да овозможи консензус за буџетот на ОБСЕ.
На Самитот во Скопје беше одлучено да се продолжи мандатот на генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмид, на високиот комесар за национални малцинства, Каират Абдракхманов, како и на претставничката за слобода на медиуми на ОБСЕ, Тереза Рибеиро. Реизбран е Матео Мекачи на чело на ОДИХР.
ОБСЕ е безбедно, ја спасивме организацијата – ова беше пораката на министерот за надворешни работи и досегашен претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи за време на последната прес-конференција во рамки на Самитот.
Тој и честиташе на Малта, изразувајќи благодарност за преземање на оваа мисија во предизвикувачки времиња.
Османи изјави дека и покрај сите напори да се донесе буџет за организацијата, тој не е одобрен од 2021 година поради блокадата од Руската Федерација. Тој посочи дека е важно да се работи на буџетот за 2023 година.
Испрати апел Руската Федерација да овозможи консензус за буџетот, за да не трпат последици теренските операции во Молдавија, Приштина, Сараево, Скопје и други.
Генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Марија Шмид, истакна дека ОБСЕ продолжува да работи без оглед на околностите и недостигот на буџет.
-Недостигот на буџет за кој сме сите согласни е вистински проблем, бидејќи кога буџетот не е одобрен на крајот од декември, според финансиските регулации, мора да оперираме со месечни издатоци базирани на буџетот кој беше последно одобрен, во овој случај тоа е буџетот од 2021, кој не ги вклучува зголемувањето на платите и инфлацијата, рече таа.
Шмид ја пренесе пораката дека Малта игра важна улога во задржување на мирот и безбедноста и верува дека ќе ги примени иститите вештини во нејзиното лидерство како претседавач следната година.
Новиот претседавач Јан Борг пак, смета дека укажувањето на довербата на Малта е доказ на нивната заедничка заложба да продолжат да ја зајакнуваат организацијата и да осигурат дека покрај сите предизвици со кои се соочуваат, организацијата ќе продолжи да работи.
Министерскиот состанок во Скопје оваа година го одбележа токму присуството на првите дипломати на САД и Руската Федерација Ентони Блинкен и Сергеј Лавров, но средба меѓу нив двајца не се случи.
Блинкен присуствуваше на неформалната вечера на 29 ноември, а потоа замина за Израел, додека шефот на руската дипломатија присуствуваше на Министерскиот состанок на вчера и завчера..
Самитот во Скопје ќе остане запаметен по тоа што европските лидери едногласно ја осудија руската агресија врз Украина и упатија силна поддршка за украинскиот народ. Министерскиот совет поради присуството на Лавров, го бојкотираше украинскиот министер за надворешни работи, Дмитриј Кулеба, како и неговите колеги од Полска и од балтичките земји, но делегации од земјите како и дел од нивните амбасадори во ОБСЕ, сепак, допатуваа на состанокот.