Во Франција заврши предизборната кампања. Според првите проекции, на утрешните предвремени парламентарни избори убедлива победа ќе извојува крајнодесничарската партија Национален собир на чело со Марин Ле Пен.
Францускиот премиер Габриел Атал предупреди дека евентуална победа на Ле Пен ќе доведе до „омраза и агресија“, но резултатите од анкетите покажуваат дека партијата на Марин Ле Пен и 28-годишниот Џордан Баредела, кој би можел да биде нов премиер, цврсто ја држи водечката позиција.
Единствено прашање, како што покажуваат анкетите, е дали тој ќе добие апсолутно мнозинство во парламентот на изборите кои се одржуваат во два круга, утре и на 7 јули.
Националниот собир има големи шанси да добие апсолутно мнозинство по убедливата победа на изборите за Европскиот парламент на 9 јуни, поради што претседателот Емануел Макрон го распушти парламентот и за само три недели го објави датумот на предвремено гласање.
Според резултатите од поединечните анкети, Национален собир има поддршка од 36,5 отсто од гласачите, додека сојузот на партиите на централно-левиот Нов народен фронт има 29 отсто.
Алијансата Заедно на чело со премиерот Атал, кој се смета за штитеник на Макрон, е на трето место со поддршка од 20,5 отсто.