Заврши истрагата за Онкологија, за измама во службата и злоупотреби, со биолошката терапија, потврдија од Обвинителство. Сега треба одбраната да направи увид и евентуално да достави свои докази во рок од 15 дена.
Скопското обвинителството пред речиси една година отвори истрага против двајцата поранешни директори, медицинскиот Нино Васев и економскиот директор, Нехат Нухи како и против уште тројца доктори онколози, осомничени за помагање.
„Основното јавно обвинителство Скопје ја заврши истражната постапка во предметот за злоупотреби на Клиниката за онкологија. Постапката е во фаза во која течат роковите предвидени во Законот за кривична постапка, по што јавноста ќе биде известена во однос на јавнообвинителската одлука и доказниот материјал“ велат од ОЈО Скопје.
Во декември минатата година на брифинг со новинарите од Обвинителството рекоа дека го добиле вештачењето од Србија каде се анализирале 16 истории на пациенти и потврдени се сомнежите за несоодветно лекување, односно дека на некои пациенти не им била давана терапија иако била препишувана на нивно име.
Кога беше отворена истрагата на јануари 2024 година од Обвинителството излегоа со сума за имотна корист од речиси 30 милиони евра.
Еден од аспектите на истрагата беше набавка на лекови на реверс и спротивно на закон, а има сомнеж и недоследности и во дозирањето на терапијата.