Заврши истрагата за полицискиот командир за шверц на марихуана

by fokus

Заврши истрагата за случајот со запленетата марихуана од 200 килограми, вредна 800.000 евра, која беше запленета од МВР, во соработка со Американската агенција за борба против дрога (ДЕА). Во оваа акција беше уапсен и командирот на полициската станица во Прилеп, Кире Спиркоски.

Од обвинителството за „Фокус“ откриваат дека наскоро ќе биде познато дали ќе биде поднесено обвинение.

-За предметот за кој покажувате интерес истражната постапка е завршена. До осомничените лица кои се наоѓаат во притвор и до нивните бранители се доставени известувања за завршена истражна постапка и во моментов тече законски утврдениот рок во кој осомничените можат да извршат увид во предметот и да предлагаат докази. По истекот на рокот јавниот обвинител ќе донесе јавнообвинителска одлука за која јавноста ќе биде навремено информирана, ни одговорија од Обвинителството.

Според информациите од МВР, оваа акција беше реализирана во април, кога на патниот правец Прилеп – Росоман било запрено патничко возило „ауди А8“, со скопски регистарски ознаки, во кое биле пријавените К.С. и М.З.. Веднаш потоа е запрено патничко возило „дачија дастер“, со скопски регистраски ознаки, управувано од А.У, каде како сопатник бил Г.К., а зад нив и товарно возило „комбе“, во кое се наоѓала поголема количина дрога, спакувана во 40 картонски кутии во кои имало 400 полиетиленски пакувања со дрога. Приведен беше и М.С., кој управувал товарно возило „ивеко“, со битолски регистарски ознаки, додека во Гевгелија, на бензинска пумпа, беше уапсен и организаторот на криминалната група Д.Ј., кој управувал патничко возило „опел астра“.

МВР тогаш информираше и дека, освен против Д.Ј и А.У., кривични пријави се поднесени и против М.З. (29) од Куманово, М.С. (36) од Битола, К.С. (46) од Прилеп, Г.К. (25) од Скопје. За еден од уапсените, Александар Ушлиновски од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваа дека е возач на Трајче Заев, кој е братучед на премиерот Зоран Заев.

В.В.

Поврзани новости