Заврши фестивалот ,,Охридско лето”: Рекордна посетеност на странска публика и за 50 проценти зголемена продажба на влезници!

by Fokus

Синоќа во Охрид беше изгаснат фестивалскиот оган којшто гореше во текот на изминатите фестивалски вечери, а крајот на 63-то фестивалско издание на ,,Охридско лето” беше означен и со богат огномет на небото над Античкиот театар.

Настанот се затвори со театарската претстава „Лагата“ од Флоријан Зелер, во режија на Никола Љуца, а во изведба на Драмски театар Белград од соседна Србија.

Како што истакна директорката на НУ „Охридско лето“ Наташа Поповиќ во своето завршно обраќање пред повеќе од двеилјадната публика на Античкиот театар, низ изминатите четириесет фестивалски вечери одекна гласот на уметноста од древниот Охрид ширум целиот свет, потврдувајќи ја уметничката совршеност негувана и градена со години.

-Реализиравме восхитувачки настани кои публиката ги проследи со огромна радост. За повеќето настани се бараше карта повеќе, бележиме 50 процентно зголемување на продажбата, а она што за нас е посебно значајно, е тоа што имаме рекордна посетеност на странската публика. Резервации се правеа од Англија, Франција, Турција, Србија, Америка, Канада, Словенија, Хрватска, Црна Гора, Холандија, Унгарија, Грција, Шпанија, Португалија, Полска, Норвешка, Финска, Шведска, Русија, Белгија, Австралија, Бразил, Израел. Тоа е доказ дека силата на музиката и театарот не познава граници, рече Поповиќ.

Како што информираат од организацијата, годинешното 63-то „Охридско лето“ се одржало со огромна поддршка од Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, како покровител на манифестацијата, Владата и ресорното министерство за култура, амбасадите во РС Македонија, Општина Охрид, како и со поддршка од бројните поддржувачи на културата почнувајќи од генералниот спонзор на фестивалот, Македонски Телеком.

,,Охридско лето” започна на 12-ти јули со настапот на оперската дива Анџела Георгиу, а заврши со претставата со актерите Милош Биковиќ, Тамара Крцуновиќ, Миодраг Радоњиќ и Јелисавета Теодосиќ.

-Тоа е текст којшто потврдува дека во животот се опстанува со лага, дали за да заштитиме некого, дали за да се скриеме себеси, дали за да изманпулираме некого, таа ни е едноставно неопходна како едно епително ткиво коешто не заштитува, еден психолошки код за одбранбен механизам а при тоа претставата не се занимава со лагата како феномен, туку со вистината којашто можеме или не можеме да ја прифатиме таква каква што е, дали е вистина тоа што ќе го слушнеме или е вистина она во што ние сакаме да веруваме, и дали после откако ќе се отворат овие прашања, брачните односи остануваат исти, дали ние остануваме исти и дали ќе можеме да останеме, а при тоа да не бидеме изедени од параноичните сомнежи, појаснува селекторката на драмската програма на „Охридско лето“, Сања Арсовска.

Вики Клинчарова

Поврзани новости