Заврши амандманската расправа за буџетот за 2025 година

by Фокус

Собраниската Комисија за финансирање и буџет вечерва го заврши претресот на амандманите по Предлог-буџетот за 2025 година.

По амандманската расправа, како Дополнет предлог-буџет документот се враќа во Владата на финално одобрување по што, согласно законските рокови, треба да биде изгласан во Собранието до крајот на оваа година.

Се очекува седницата за носење на Буџетот за 2025 година да биде закажана во втората недела во декември.

Во текот на денешното продолжение на седницата не беа прифатени амандманите на СДСМ, Левица и други опозициски пратеници, кои се однесуваа на различни области: социјална заштита, образование, иновации, претприемништво, земјоделство…

Амандманската расправа почна на 19 ноември. Поднесени беа вкупно 307 амандмани од кои 204 од СДСМ.

Вкупните приходи во Предлог-буџетот се планирани на ниво од 358,8 милијарди денари, а расходите на ниво од 400,2 милијарда денари. Буџетскиот дефицит е проектиран во апсолутен износ од 41,350 милиoни денари или на ниво од 4 проценти од планираниот БДП.

Инфлацијата се очекува да се намали на ниво од 2,2 процента како резултат на стабилизирањето на цените на основните прехранбени производи и на енергенсите на меѓународниот пазар, забавувањето на странската ефективна инфлација и поумерениот притисок од базичната инфлација.

Извозот се очекува да има раст од 4,2 отсто, а увозот од 4,4 проценти како резултат на очекувањата за постепено стабилизирање на меѓународното опкружување и зголемувањето на надворешната побарувачка.

Поврзани новости