Заврши 58.издание на „Охридско лето“

by fokus

Со изведба на театарската претстава „Илијада“ од Хомер, во режија на Јернеј Лоренци, а во копродукција на Словенечкиот народен театар – СНГ Драма Љубљана, Цанкариев дом и Градски театар од Словенија, синоќа беше спуштена завесата на 58-то издание на фестивалот „Охридско лето“.

Изминатите 40 дена публиката имаше можност да види голем број музички настани и театарски претстави. Учествуваа околу 800 уметници од 27 земји од светот. На повеќе сцени настапија звучни имиња од земјава и странство, меѓу кои беа Николај Лугански, великан од пијанистичката фела, челистот Александар Књазев, виолинистот Сергеј Крилов, од Русија… Во драмскиот дел од програмата беа изведени театарските претстави „Во Агонија“ од Мирослав Крлежа, „Девојчето со жиците“, „Странци“ од Филипо Болоња, „Тоби“…

Директорката на „Охридско лето“, Сузана Вренцовска ова фестивалско издание го оцени како едно од најуспешните, нагласувајќи дека следните ќе бидат скалило погоре во однос на квалитет.

Селекторот на музичката програма Васо Ристов подвлече дека Охрид повторно беше вистинска културна метропола, која привлече бројни посетители како од Македонија така и од други земји. Драмскиот селектор Александар Поповски забележа дека публиката реагира на различни типови жанрови и за следната година најави учество на повеќе македонски театри.

Според статистиката, годинава има зголемување на продажбата на билети, а забележано е он лајн купување од повеќе земји.

Поврзани новости