Наместо во Центарот за зависници во Кисела Вода, пациентите метадонската терапија че ја земаат во поликлиниките во Кисела Вода, Јане Сандански, Ченто, Бардовци и Карпош. Заедно со пациентите ќе се распределуваат и психијатрите кои сега работат со нив во психијатриската болница – Скопје.
Пациентите кои се вклучени во програмата за третман и превенција на зависности ќе бидат распределени согласно општината во која живеат и ќе бидат распределени според локациите на кои ќе бидат пунктовите. Метадонската терапија пациентот ќе ја подига од најблискиот пункт до местото на живеење, додека проценката за промена на терапија ќе ја прави психијатарот кој го води пациентот и истиот утврдува колку пати на неделно ниво пациентот треба да ја земе терапијата. Распределувањето на психијатрите е во рамки на внатрешната организација на јавноздравствената установа во која се вработени и која ја извршува здравствената дејност во однос на лекување на зависностите, а тоа е Психијатриска болница–Скопје. Во тек се техничко-административните подготовки на пунктовите кои се веќе просторно опремени. Согласно завршувањето на подготовките, пунктовите ќе бидат веднаш пуштени во функција.
Одлуката на здравствените власти доаѓа откако жителите на Кисела Вода со протести бараа дислокација на Центарот, а претходната идеја да се префрли во Гази Баба не беше прифатена ниту од тамошните жители. Системот не фунцкионира во целост велат и жителите, но и експертите. Центрите за лекување зависности не треба да бидат сведени само на шалтери за делење на терапија. Потребна е поголема психосоцијана помош и рехабилитација на овие лица.
Истражувањата на ХОПС покажуваат дека во одредени центри бројот на психијатри е премногу мал за да одговори на потребите на пациентите, а на некои локации третманот го спроведуваат или само медицински сестри или лекари од други специјалности. Како пример го посочуваат Штип каде гинеколози и ортопеди одредуваат тераписка доза за пациентите.