Затворски казни за четворица македонски државјани кои беа уапсени за кражби на луксузни автомобили на Халкидики

by Fokus

Четворицата државјани на Македонија кои лани беа уапсени и обвинети дека се членови на криминална група која крадела луксузни автомобили од странски туристи на Халкидики, се осудени на затворски казни во Грција, објави грчката новинска агенција АНА-МПА

На почетокот на септември минатата година, грчката полиција разби криминална организација во која биле вклучени шест лица, сите македонски државјани, кои се товарат за 19 кражби на луксузни автомобили на Халкидики, во вредност од над еден милион евра, при што двајца од обвинетите сè уште не се уапсени, но се идентификувани.

Тричлениот кривичен суд во Солун, на тројца од обвинетите им одредил казна од 12 и 14 месеци затвор, додека пак четвртиот добил затворска казна од осум години и десет месеци, кој според пресудата бил задолжен да влегува во туристичките објекти и да ги краде клучевите од автомобилите.

За учество во иста криминална група се гонат уште две лица, а меѓу нив, според АНА-МПА е и „мозокот“, но со оглед на тоа што не се уапсени, ќе им се суди откако ќе бидат фатени.

Грчката новинска агенција пишува дека според судската одлука, осудените ги носеле украдените возила во областа Еордеја кај Кожани, од каде друг соучесник ги преземал и преку скриени премини ги пренесувал во Македонија, објави МИА.

Токму затоа, судот ги ослободил тројцата „возачи“ од делото тешка кражба и побарал да се гонат за прекршокот примање производ од кривично дело.

Поврзани новости